Македонија
„Наместо да вработуваат пред избори, нека дадат плати“, „Национални шуми“ на штрајк од 7 март
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски, на денешната прес-конференција соопшти дека јавното претпријатие „Национални шуми“ ќе почне штрајк од 7 март, кој ќе трае сè до исполнувањето на барањата на Синдикатот.
„Редовна и целосна исплата на плата на вработените, надоместоци на плата и додатоци за плата и како најболен – теренскиот додаток, кој не е исплатен речиси една година. Синдикалните претставници одлучија во своите подружници заедно со Синдикатот за градежништво и дрвна индустрија да го почне штрајкот и да не го прекинува сè до моментот додека не се исплатат и јануарската и февруарската плата заедно со овие надоместоци и додатоци. Проблемите во текот на годините толку многу се зголемуваат што денеска, конечно, се донесе одлука првпат по толку време овие вработени да застанат рамо до рамо со другите братски синдикати, кои своите права и обврски си ги остварија единствено преку протести и штрајкови и нема да застанеме сè додека не се исплатат платите на вработените. Да беа паметни претставниците на власта и раководството во ‘Национални шуми’, немаше да вработуваат луѓе токму пред избори, туку ќе ја дадеа навремено платата, во декември, јануари и во февруари. Многу полесно беше да се манипулираат луѓето, речиси 400 да добијат работни места, а сега речиси 2.000 вработени да не добијат плата. Со ваква лага пред народот и со вакви ветувања овие луѓе нема да излезат на избори, туку ќе излезат пред Владата да штрајкуваат. Во прашање е егзистенцијата на речиси 2.000 вработени во ова јавно претпријатие“, изјави Пешевски.
Од Синдикатот апелираат до претставниците на власта, вицепремиерот за економски прашања и до премиерот да најдат решение како да добијат навремено плата и плата достоинствена за живот на вработените.
„Вработените ќе бидат доследни на овие барања и нема да почнат со работа, да не излезе дека се закануваме, во прашање се и домаќинствата на кои ќе им треба огревно дрво, без притоа да бидеме скромни, дека ќе има одредени работни места што ќе ги извршуваат задачите, напротив, нема никој ниишто да извршува на своето работно место. Ако имаат доблест, раководството, менаџментот, пое овој момент на неисполнување на барањата, треба да си дадат оставка и да си заминат од претпријатието засекогаш, а не да додаваат проблеми. Нашата одлука е никој да не работи бидејќи никој во моментот не зема плата. Доколку некој смета, слободно нека си работи. Никој не сака повеќе да извршува работни задачи бидејќи никој не носи дома плата веќе втор месец, а во меѓувреме платите доцнеа по 15-20 дена, беа намалувани без никаков основ, без никакви консултации со синдикалните претставници. Овој хаос сакаме да заврши, конечно да биде почитуван секој вработен во одделот шумарство бидејќи работат во екстремни услови, а не може дома да однесат плата од 25 илјади во просек. Срамно и жално како никој досега не се заангажира да го реши проблемот во ова јавно претпријатие. Платите минатата година пораснаа, но ние не треба да чекаме милостина за 2.000 денари, овие луѓе се технички персонал, инженерски кадар, кои заслужуваат многу повеќе од 40.000 денари плата, а не да зборуваме за плата блиску до минималната. Овде никој не треба да зема плата под просекот, а не да биде илјадарка-две над минималната. Зборуваме за инженерски работни места. ‘Национални шуми’ е во 30 града во државата, оваа одлука се однесува за сите. Од сите претходни разговори и преговори и со менаџментот и со власта излеговме изиграни, излажани, изманипулирани“, рече Пешевски.
Апелира да се стави крај на урбаната мафија кшто владее во Скопје во делот на градежништвото.
„Тоа што пораснаа цените на становите, сите велат дека пораснаа и платите, меѓутоа некако цените многу повеќе пораснаа од платите на вработените. Доколку некој смета дека квадратот треба да биде 2-3 илјади евра, нека бидат и 2-3 илјади евра плата на градежниот работник“, изјави тој.
Како што објасни Пешевски, оправдувањето за новите 400 вработувања било дека има претпријатието потреба од такви вработени, но вели, „магично, кај нас во државата сите овие вработувања се пред избори во јавните претпријатија“.
„Ако имале потреба, нека ги задржат. Претходно, ги водеа како сезонски работници. Повеќето од нив немаат ни пензиско, ни здравствено, ни плата два, три, четири месеци во годината. Не сме ние мечки да хибернираме, да јадеме и пиеме преку лето, а зимно време да не добиваме никаква плата од државата“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

