Македонија
Наместо Скопје, прашина на подножјето на Водно – што се случувало во сеизмолошката станица за време на скопскиот земјотрес
Денес, 26 јули, одбележуваме 61 година од скопскиот катастрофален земјотрес, кој остави длабоки траги во историјата на градот Скопје.
Земјотресот со магнитуда 6,1 според Рихтер предизвика големи материјални штети, но и голем број починати, 1.070 изгубени човечки животи.
По тој повод, од сеизмолошката опсерваторија раскажаа што се случувало во станицата во Скопје за време на скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963.
Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје била единствената што работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година.
Во моментот на земјотресот со станицата раководел Драган Хаџиевски, професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Други вработени во станицата во тоа време биле геологот Панде Георгиевски и помошник-лаборантот и чувар на станицата, Ристо Глигоров, кој со своето семејство живеел во станбениот дел на станицата, нешто што било вообичаено за тогашните сеизмолошки институции. Меѓутоа, Панде и Ристо на 26 јули 1963 година биле на годишен одмор, па така за време на кобното утро во Скопје од стручните лица на станицата бил само Драган Хаџиевски, а во зградата на станицата, само родителите на Ристо Глигоров – Тимо и Софија.

Тимо и Софија на 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, биле разбудени од многу силен подземен удар, проследен со силна бучава. Веднаш потоа почувствувале и слушнале силни удари во надворешните ѕидови на станицата од одронетите варовнички карпи на падината на Водно над станицата. Станицата, за среќа, не претрпела значајни оштетувања.
Истрчале во дворот на станицата, каде што биле сведоци на страшна глетка: наместо градот Скопје, во подножјето на падината на Водно се кревале големи облаци прашина. Кога по некое време прашината се расчистила, здогледале урнати згради и куќи. Во целокупниот хаос не ни забележале дека во моментот пристигнал раководителот на станицата, Драган Хаџиевски, кој со своето возило, со многу големи тешкотии, низ паниката и урнатините во градот Скопје успеал да стигне до станицата.

Станицата тогаш била опремена со два механички сеизмографа MAINKA, монтирани уште во првата половина на 1957 година, на начин да ги бележат движењата на тлото по должината на правците север-југ и исток-запад, и со механичкиот сеизмограф CONRAD, монтиран во февруари 1963 година, на начин да ги бележи движењата на тлото по должината на правецот север-југ. Драган констатирал дека сите три сеизмографи биле исфрлени од работа при ударот на силниот земјотрес. Со голема возбуденост, но и умешност, тој успеал, речиси 38 минути по настапот на земјотресот, да го врати во работа сеизмографот CONRAD, а по околу 2 часа и 32 минути и едниот од сеизмографите MAINKA. Со ова било овозможена континуирана регистрација на другите земјотреси настанати по силниот, што обезбедило натамошно издавање на сеизмолошкиот билтен и на засебни извештаи, како и навремено информирање на населението за преземање соодветни заштитни мерки.
Континуитетот на микросеизмичките набљудувања по силниот земјотрес, што го обезбедил Драган Хаџиевски, претставува, всушност, основен материјал за понатамошните обемни истражувања на скопското епицентрално подрачје од сеизмолошки и од сеизмотектонски аспект, но и особен пример за сите сеизмолози за несебичното стручно залагање и акција, утрото, на 26 јули 1963 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Новo рисче на Шара – тимот на Националниот парк слави со мекици
Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.

