Македонија
Напади врз Бугари и клубови, етикетирање на Бугарите како фашисти – Европската комисија против расизам со извештај за Македонија
Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа го објави својот извештај за Македонија, притоа во делот говор на омраза се осврна на етничките Бугари.
ЕКРИ во извештајот наведува дека бугарските соговорници се жалат на антибугарскиот говор во Македонија, а како типичен стереотип го навеле етикетирањето на сите Бугари како фашисти, но и прикажувањето на Бугарките како евтини проститутки.

ЕКРИ понатаму, како загрижувачки елемент ги оценува, како што се наведува, неколкуте напади врз лица што себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, со оглед на чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање некои постојни бугарски културни здруженија.
Се наведува дека бил предизвикан инцидент во клубот „Иван Михајлов“ во Битола од страна на пејач, кој потоа бил ангажиран да настапи на локална прослава. Во извештајот влезе и клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, односно инцидентот со употреба на огнено оружје.

Извештајот говори дека во ЕКРИ се свесни дека имињата на Иван Михајлв и Цар Борис Трети се контроверзни и провокативни, но со загриженост забележува дека во март 2023 година Централниот регистар на Северна Македонија го одби барањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид да го задржи своето име и дека го избриша од регистарот бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Во делот говор на омраза, покрај Бугарите, забелешки има и за односот кон ЛГБТИ-заедницата и Ромите. Се наведува дека недостига сеопфатна студија за дискриминација против ЛГБТИ-лицата или законска рамка за признавање истополови врски или адресирање промена на полот. Документот посочува дека многу Роми сè уште се соочуваат со тешка состојба со домувањето, како и дека стапката на опфатеност на ромските деца во образовниот систем и натаму е пониска во однос на онаа на припадниците на другите етнички заедници, особено кога станува збор за средното образование. Говор на омраза се регистрира и во секојдневната интеракција меѓу Македонците и Албанците.
Меѓу позитивните работи во извештајот посочено е формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Извештајот наведува и дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, како и дека Министерството за труд и социјална политика обезбедило финансиска поддршка за националната СОС-линија за помош на припадниците на ЛГБТИ-заедницата. Постигнување е и достигнувањето и подготовката и усвојувањето на новата стратегија за вклучување на Ромите 2022-2030 од страна на Владата.
ЕКРИ претходно објави извештај за Македонија во јуни 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

