Македонија
Народниот правобранител отвори предмет за нападот врз Јанакиески и Спировски

Од канцеларијата на народниот правобранител Иџет Мемети ја информираат јавноста дека по сопствена иницијатива тој отворил предмет во врска со вчерашните насилства во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, при, како што се вели, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди.
Како што се појаснува, предметот е отворен во врска со информации од медиумите, како и јавувања од роднини на притворените лица.
„Екипи на Народниот правобранител се во затворот ‘Скопје’, и темелно ќе го истражат целиот случај, ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци на настанот, службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видеоснимки од камерите за надзор“, се наведува во соопштението.
Од канцеларијата на народниот правобранител појаснуваат дека согласно со закон, ќе бидат повикани на разговор директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на затворот „Скопје“ и сите други службени лица кои би можеле да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно утврдување на состојбата во врска со овој настан, по што народниот правобранител ќе ја информира јавноста за утврдената состојба.
Народниот правобранител потсетува дека ваквите настан ги потврдуваат неговите повеќегодишни и континуирани укажувања за сериозноста на проблемите со затворскиот систем.
Според Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат и на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи, а како последица на ова меѓу затворската популација има поделби на привилегирани и непривилегирани , по разни основи.
„Поради недоволно функционалниот безбедносен систем во опасност не се само притворените и осудените лица, туку и општеството во целина“, додаваат од таму.
Народниот правобранител Мемети апелира до раководството на казнено поправните установи, Управата за извршување на санкциите, како и Министерството за правда сериозно да се заземат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување на физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Максим Димитриевски е фатен во корупциски скандал, денес ќе го објавиме и договорот со кој ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от“, велат од СДСМ

„Максим Димитриевски е фатен „жив“ во јасен како солза корупциски скандал. Ниедно обвинување кон СДСМ не може да го побие фактот дека со овој скандал тој ги урна своите клучни изборни ветувања пред граѓаните – дека ќе се залага за правда и дека ќе се бори против ДУИ“, велат од СДСМ.
„Човекот кој не престана да зборува дека имало криминал во државата и дека за тоа, пред сè, е виновна ДУИ, сега самиот прави криминал – со ДУИ.
Не е чудно што луѓето, особено жителите на Куманово, се во шок од криминалот на Димитриевски. Но, СДСМ јасно предупредуваше за ова уште во изборната кампања.
ЗНАМ е во политиката поради две причини: прво, да биде продолжена рака на Мицкоски, и второ, Димитриевски да си ги спроведува криминалните проекти во општина Куманово.
Денес, СДСМ ќе го објави и договорот со кој Димитриевски ја добил поддршката од ДУИ за ДУП-от, и граѓаните ќе бидат дополнително шокирани кога ќе сфатат за каков опортунист станува збор“, соопшти СДСМ
Македонија
(Видео) Убиецот имал четворица помагачи, сите се oд Турција и се приведени

Четворица помагачи имал убиецот кој пукаше во кафуле во Штип.
МВР соопшти дека било пукано кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.
По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото.
Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.
Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Македонија
Герасимовски: Со градинката Пролет поставивме нови стандарди за детска грижа во Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека е пресреќен што во еден мандат, во рок од три години е отпочнат и завршен проектот за изградба на новата градинка во населбата Пролет, што е редок пример во државата.
„Ако разгледате и направите увид и истражување во поголем дел од општините, ќе видите дека многу споро оди делот на реализација на ваков тип на проекти. Искрено сум среќен што успеавме за три години да го реализираме проектот и да ја направиме најубавата и најмодерната градинка не во Скопје, туку и на територија на цела држава. Градинката Пролет е гордоста на родителите, со оваа изградба поставивме нов стандард за детска грижа во Центар“, вели Герасимовски.
Градинката Пролет згрижува 173 дечиња во 9 занимални, на површина од 3.276 метри квадратни. Нејзината изградба почна во 2022 година во мандатот на градоначалникот Герасимовски и истата е целосно финансирана од Општина Центар во висина околу три милиони евра, без задолжување.