Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Поради завршување со градежните работи на „Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село“ на регионален пат Р1312, делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: Власта нема пари за младите спортисти, а има за ПР агенции, Борко Ристовски да поднесе оставка

Срамната и понижувачка Младинска олимпијада со која Борко Ристовски ја изрезили државата пред целиот свет ја покажа целосната неговата неспособност, изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Според него, владата немала пари за младите на олимпијада ама имала за ПР агенции на власта.
„Ниту основни услови за младите спортисти актуелната власта не успеа да обезбеди со катастрофалната организација. Најгордата влада немаше пари за соодветно сместување со клима уреди, немаше за соодветна храна и доволно вода, немаше пари за соодветен превоз. Но коге е ПР во прашање мора да има пари, за фирмите кои се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Сопственикот на агенцијата ИДЕА Лаб, и дел од вработените, го добиле бизнисот за ПР за олимпијадата во различни сегменти, меѓу кои маркетинг и менаџмент на социјалните медиуми. Како е можно да има пари за ПР и маркетинг а да нема за основни услови на блам олимпијадата? Можно е. Сопственикот на ИДЕА Лаб, Димитар Атанасовски, е близок до власта. На неговиот профилот може да се видат тон слики со Борко Ристовски, Игор Јанушев, Орце Ѓорѓиевски, Владимир Нелоски и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Јанковиќ.
Тој праша дали близината со Борко Ристовски или шефот на кабинет на Мицкоски била пресудна за токму оваа фирма да биде ангажирана?
„Но не е само младинската олимпијада. Во изминатиот период оваа агенција добива пари и од многу државни институции и општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ но и нивните коалициски партнери. Околу 50 илјади евра, пари на граѓаните, редовно се слеваат во оваа агенција. На пример, од Минстерството за образование добиле 8.000 евра, од Министерството за односи со заедниците над 24.000 евра, од Министерството за локална самоуправа 16.000 евра итн. Јака идеја е да се земаат пари од народот“, рече Јанковиќ.
Тој побара сите договори јавно да бидат објавени, а Борко Ристовски да поднесе оставка.
Македонија
Чешкиот хеликоптер ќе го гасне пожарот на планината Готен

Чешкиот хеликоптер „Блек хок“, кој пристигна на скопскиот аеродром, се упатува кон планината Готен, каде ќе се вклучи во гаснењето на пожарот од беровска страна.
На состанокот утрово беше утврдено дека вештачкото езеро Турија, оддалечено околу десет километри воздушна линија од пожарот, е најпогоден извор за полнење вода.
Покрај чешкиот хеликоптер, во земјава пристигна и конвој од 61 словенечки пожарникар со 18 возила. Според податоците на Центарот за управување со кризи, утрово активни се три пожари, пет се под контрола, а дваесет се изгаснати.
Македонија
(Видео) Талевски: Тошковски како Груевски, сака да формира партиска милиција под своја команда

Со скандалозниот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за полиција, актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и министерот Панче Тошковски се обидуваат брутално да ја партизираат полицијата и да формираат партиска милиција под нивна команда, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, денес на собраниската седница.
Талевски потенцираше дека станува збор за опасен и корумпиран обид полицијата да стане параполициски апарат за заштита на партиските интереси и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Полицијата не смее да биде под ничија команда. Со законските измени, Тошковски свесно го урива кариерниот систем во МВР, бришејќи ги критериумите за искуство и образование за највисоките оперативни позиции, вклучително и началници на СВР. Со член 4 се бришат критериумите за минимум 6 години работно искуство и 4 години раководна позиција за началник на сектор за внатрешни работи. Тоа значи дека лице без никакво искуство, некој што вчера положил приправнички испит, може да биде поставен на оваа позиција , ако е партиски подобен. Без никакви критериуми, може да се избере Началник на сектор за внатрешни работи. Со овие измени МВР не се јакне, туку се претвора во сервис на партијата на власт. Ова не е реформа, туку реставрација на груевизмот“, потенцираше Талевски.
Тој укажа дека особено загрижува и член 12, со кој се бара полициските податоци да се бришат по 60 години.
„Прашањето е – зошто? Кој треба да биде заштитен со оваа измена? Ова е уште еден доказ дека власта се обидува да амнестира и сокрие траги од злоупотреби. Загрижува и намерата да се укинат регионалните гранични центри, што претставува директен удар врз граничната контрола, со потенцијални последици по безбедноста, па дури и отворање простор за сомнителни шеми со мигранти“, рече Талевски.
Понатаму, со член 15 се подига старосната граница за вработување на 30 години, со што, според Талевски, се отвора простор за вдомување партиски кадри, наместо отворање шанси за млади, образовани лица со енергија и потенцијал.
Според пратеникот, најскандалозен е членот 19, со кој се овозможува во полицијата да останат лица со осудителни пресуди и забрани за работа.
Тој потенцираше и дека наместо полиција што штити законитост, ќе добиеме институција која е прибежиште за лица со криминално досие. Ова е целосна подреденост на институциите на партиските интереси.
„Се враќаме во времето на МВР под ВМРО, кога брутално се кршеа човековите права на граѓаните. СДСМ бара итно повлекување на предложените измени. Полицијата мора да остане професионална, натпартиска и водена од знаење, искуство и јасни критериуми, а не од партиска книшка. Овој закон е закана за правната држава и безбедноста на граѓаните“, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски.