Македонија
На изборите регистрирани 31.466 неважечки ливчиња
На предвремените парламентарни избори, што се одржаа вчера, се регистрирани 31.466 неважечки ливчиња. Како што беше информирано на денешната јавна седница на Државната изборна комисија, врз основа на податоците од записниците на општинските изборни комисии и целокупниот материјал утврдено е дека вкупниот број на избирачи е 1.814.236, од кои 942.334 гласале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа денеска во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
Жири-комисијата која одлучуваше за нградите ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.

