Македонија
Клиниката за детски болести доби нов дигитален мобилен рендген-апарат, донација од Јапонија

На Клиниката за детски болести денеска беше промовиран дигитален мобилен рендген-апарат, обезбеден со поддршка од Амбасадата на Јапонија.
„Станува збор за дигитален мобилен рендген-апарат, во вредност над 60 илјади евра. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на здравствената грижа за најмладите пациенти. Изразувам длабока благодарност до Амбасадата на Јапонија, а особено до амбасадорката Сецуко Кавахара за нејзиниот личен ангажман и за долгогодишната, пријателска и плодна соработка. Оваа донација е уште еден доказ за силното партнерство меѓу нашите две земји и за вистинската грижа на Јапонија кон градење отпорен и хуман здравствен систем“, изјави државниот секретар во Министерството за здравство, Бесим Мемеди.
Амбасадорката на Јапонија во нашата држава, Сецуко Кавахара, потсети дека во рамките на заедничката соработка веќе се имплементирани над 70 проекти во здравствениот сектор и истакна дека поддршката за оваа клиника значи придобивка за пациентите од целата држава.
Воедно, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, се заблагодари за значајниот придонес за унапредување на здравствените услуги во оваа клиника како врвна терциерна установа, која годишно згрижува над пет илјади деца со најсложени здравствени состојби.
„Новата апаратура за нас претставува чекор напред во унапредување на здравствената грижа за најмладите пациенти“, рече Мемеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода и Карпош

Без струја денеска ќе бидат делови од општините Кисела Вода и Карпош, информира Центарот за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека на ден 06.08.2025 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат:
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Таки Хрисик, ул. Тони Богдановски, ул. Борис Трајковски крак 7 и ул. Андреј Богдановски. (Општина Кисела Вода)
· од 09.00 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. Франце Прешерен. (Општина Карпош)“, информира ЦУК.
Македонија
Сончево време, попладне со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
На Богородица и Табановце се чека по 10-тина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, нa ГП Богородица и ГП Табановце времето на чекање е 10-ина минути, на останатите граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.