Македонија
„На кого веќе не му е јасно? Домашниот притвор за Груби –дил за политички цели“, велат од СДСМ
„Одлуката за домашен притвор за Груби не е правна, туку политичка. Таа е директна последица на политички дил и целосно контролирано судство и обвинителство од страна на ВМРО-ОКГ. Со месеци СДСМ предупредува дека судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ“, велат од СДСМ.
„Се менува јавен обвинител за да се стави обвинител под контрола на власта, се елиминираа независни кандидати, се инсталираа партиски кадри.
Сопруга на екс градоначалник на ВМРО ја назначија за член на Судскиот совет. Советник на Мицкоски беше избран во Уставниот суд. Портпаролката на Владата ги знае судските пресуди за случаи во тек.
Шефот на Обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец. На кого веќе не му е јасно?
Домашниот притвор за Груби е доказ дека правдата е погребана, правда нема, има контролирано обвинителство и судство кое одлучува под диктат на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Правна држава нема – има дил за политички цели и кампања на власта!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Промовиран првиот историски весник за Општина Кисела Вода
Денес, во Големата сала на Општина Кисела Вода, се одржа свечената промоција на првиот историски весник за Кисела Вода. Овој настан е дел од проект посветен на зачувувањето на локалното културно-историско наследство, насловен „70 години Кисела Вода – историја и култура што не се заборава“.
На настанот покрај градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, говореа Билјана Јанева од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид и наставникот по историја и советник во Советот на општина Кисела Вода Сашо Андонов. Присуствуваа и презентираа и директори од училиштата, повеќе други наставници по историја: Стефан Штерјов, Тони Петрушевски, Дончо Лозановски, Гордана Плетварска, Даниел Божиновски, Филип Скоков, како и учениците кои изминатиот период посветено и активно работеа на истражувањето и подготовката на содржините за весникот.
Од Општината велат дека оваа значајна публикација е реализирана во соработка со Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид. Истата претставува траен белег и потсетник за континуираниот развој на општината во изминатите седум децении, но и доказ за успешната соработка помеѓу институциите и образовниот сектор во насока на едукација на младите.
„70 години историја сега се собрани во еден весник. Наша должност е да ја документираме локалната историја, бидејќи тоа им го должиме на генерациите што доаѓаат. Оваа значајна публикација ја реализиравме заедно со Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид. Упатувам искрена благодарност до сите вклучени училишта, а особено изразувам огромна почит за менторите, наставниците и нашите ученици кои професионално го изведоа целиот процес. Нивниот труд покажува како вистински се сака и чува сопствениот идентитет. Во оваа прилика сакам директно да им порачам на учениците: правете големи дела, за утре вие да бидете оние кои со своите успеси ќе се најдат во историските записи на нашата општина, токму како во овој весник. Младите мора да го познаваат своето наследство, а Општина Кисела Вода ќе продолжи институционално да ги поддржува ваквите иницијативи за традицијата да остане трајно запишан“, истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Герасимовски: Салата „Работнички“ ги отвори вратите за македонските репрезентативци, очекуваме победа против Луксембург
Македонските репрезентативци интензивно тренираат и се подготвуваат за претстојниот дуел со Луксембург, а подготовките ги одржуваат во реконструираната спортска сала „Работнички“.
„Ми претставува големо задоволство што токму нашата сениорска селекција имаше можност прва да зачекори на новиот паркет во реконструираната сала. Сите се надеваме на победа во петок, прва победа по вчерашното отворање на салата. Горд сум што Општина Центар е домаќин на ваков натпревар. Изградивме сала по ФИБА-стандарди и го отворивме патот за натпревари од ваков ранг, но и место каде што ќе се тренира, ќе се учи и ќе се развива кошарката. Нека ни се редат победите и успесите“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Натпреварот Македонија – Луксембург, во рамки на претквалификациите за Евробаскет 2029 ќе се одигра в петок со почеток во 18:00 часот.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.

