Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

