Македонија
Независна пратеничка група: Мицкоски кочел закони за да штити криминал поради личен интерес
Мицкоски нé лажеше дека се грижи што ќе се уништи партијата, а имал гајле само за некого, свој личен интерес и придобивки, велат од независната пратеничка група.
Тие преку медиумите се обратија до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи дека разговорите кои јавно се објавуваат меѓу Мицкоски и Милески покажуваат кој гласал во Собрание по сопствено убедување, а кој бил платен и имал лична корист за да го прави тоа. Велат дека Мицкоски им ветувал: „Со мене ќе ви биде подобро“, а всушност, причината била предметот „Империја“.
„Очигледно е дека без срам, Мицкоски ги лажеше и нашите сопартијци на кои им велеше дека главниот интерес е да ги заштити нив од прогон. Но нам државата ни беше пред неговите закани и тоа ‘дали влакно од косата ќе ни фали или не’. Дволичноста и лицемерието на Христијан Мицкоски сега ги слушна и јавноста.
Иако одамна сме разочарани од тоа што ѝ се случува на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, сепак, не очекувавме дека Мицкоски може да оди дотаму, да кочи закони за да штити криминал, со цел финансиски бенефит. Мицкоски нè обвинуваше нас дека сме зеле пари да гласаме, а тој се слуша дека само гледа личен интерес. Јавноста сега се увери дека ние одбивме да постапиме спротивно на интересите на нашата држава и нашиот народ, како што тоа го правеа други наши колеги по нарачка од Мицкоски.
Нели е срамно Мицкоски по митинзи да се фали дека ќе ја врати правдата, која всушност тој сакал да ја продаде за да му плаќаат долгови и автобуси? До кога ќе се лаже и понижува сопствениот народ за лични интереси?!
Заложбата на нашата пратеничка група беше предметите кои ги водеше специјалното јавно обвинителство за сторен криминал да добијат судски епилог и да се знае кој е виновен, а кој обвинет без докази. Успеавме во тоа и покрај сите притисоци, но и закани кои ги добивавме во тој период и се присутни и денес, а доаѓаа од мала група луѓе, по нарачка на ним познати лица.
Носењето на Законот за Јавно обвинителство беше нотирано како значаен успех по европскиот пат на нашата татковина. Со него, се елиминираат политичките влијанија, какви што гледаме дека ги имало во минатото. Ние ја обезбедивме правната држава која Мицкоски сакаше да ја урниса.
Притисоците кои Мицкоски ги правел врз некои од колегите пратеници и за други закони кои биле во собраниска процедура ќе излезат на виделина, бидејќи на лагата ѝ се кратки нозете. ВМРО-ДПМНЕ секогаш имало сила и луѓе со визија, за да ја променат партијата на подобро. Тоа ќе го кажат и тие околу Мицкоски на 15 јули, кога очигледно е дека тој ќе доживее дебакл“, нагласуваат од Независната пратеничка група.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.
Македонија
Мицкоски: Ако се жалат судиите со 3-4.000 евра месечни примања, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат играчки за играње
Реновираме градинки, училишта, цениме дека е поголем приоритет отколку да ги зголемиме платите на судиите и обвинителите. Мислиме дека е фер, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски нагласи дека следен чекор кој, исто така, е важен се законите во ресорот правда.
„Тоа се законите јавно обвинителство, за судови, за јавно обвинителска служба и за служба во судовите кој се однесува за две работи, едната е да можат судовите и обвинителствата да вработуваат само со одобрение на Судски совет и Совет на јавни обвинители, а Владата да ја информираат, што е во ред, но не можеме да се согласиме со тие средства кои треба од буџетот да ги одвојуваме за да бидат зголемени примањата, ако се жалат со 3-4.000 евра месечни примања, тогаш како им е на дечињата во градинка кои немаат па играчки за играње. Тој е буџетот, го украле, останале малку пари, тоа што останало ние се трудиме да менаџираме како што треба, реновираме градинки, училишта, цениме дека е поголем приоритет отколку да ги зголемиме платите на судиите и обвинителите. Мислиме дека е фер“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот додаде дека следен чекор кој помина на владина процедура е новиот закон за Судски совет и се усогласува со Канцеларијата на Европска Комисија и за брзо ќе се најде во Собрание.
„Потоа е делот на објавување на регистар на компании во кои државата има некаков удел, не доминантен, туку некаков удел, тоа се претпријатија во кои државата е сопственик, законот заедно со професори од Правен факултет го направивме, го доставивме до Министерство за економија и труд и Министерство за европски прашања и очекуваме скоро да се усогласи и во декември да се најде во Собрание. Понатаму има дел во кој давачки и процедури кои треба во три институции да бидат усогласени тоа се Централен регистар, Малмед, односно Агенцијата за лекови и Министерството за економија и труд во делот на Централен регистар е завршено тоа се шест, во Малмед се 19, десет усогласени, девет ќе се усогласат и останува уште три во Министерство за економија и труд и ова ќе биде завршено во рамките на оваа година. Понатаму имаме либерализација на железнички сообраќај, во делот на инфраструктура, транспорт, и веќе се реализираше состанок со Канцеларијата на Европската Комисија договорени се активностите. Имаме комплетирање на вработувања во рамките на Агенција за одземен имот, и работните места ќе бидат пополнети“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој најави и дека владата ќе продолжи да ги субвенционира сметките за електрична енергија за домаќинствата
„Следниот чекор е исто така значаен кој не можеме да го исполниме, а се однесува во делот на енергетиката, а тоа е целосна либерализација на пазарот за електрична енергија, пред сѐ, се мисли на домаќинствата, затоа што ако Владата престане да ја субвенционира електричната енергија за домаќинствата тогаш цената ќе поскапи за отприлика 30% до 35% и тоа ќе предизвика инфлација и ќе има верижен ефект врз многу други процеси, и затоа ние како држава продолжуваме да ги субвенционираме сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар“, потенцираше премиерот Мицкоски.

