Македонија
Нема конечен заклучок кој стои зад обоената вода на Вардар, инспекторите не утврдиле загадување
Според анализата од Центарот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, обоената вода на реката Вардар, која на 15 јули беше забележана кај мостот „Близнак“, каде што граничат општините Гази Баба и Аеродром, има неутрална вредност.
„Може да се каже дека pH-вредноста на водата е неутрална со вредност од 7,08. Електроспроводливоста на водата е со минимално зголемување, кое не е штетно за живиот свет во водата. Се претпоставува дека обојувањето на водата е предизвикано при плакнење површина која содржи примеси на метали (‘рѓа) со чиста вода“, се вели во соопштение на Државниот инспекторат за животна средина, во кое се додава дека инспекторите кои излегле на терен не забележале помор на риби во реката.
На 15 јули кога била добиена дојавата за екоинцидентот, биле извршени два вонредни инспекциски надзора во комплексот на поранешната „Железара“, кај правните субјекти „Либерти“ и „Макстил“.
„Кај ‘Либерти’ АД Скопје (поранешен ‘Арцелор Митал’) е утврдено дека во моментот на надзорот погонот Лужилница не беше во работен режим, односно производниот процес беше целосно сопрен. Погонот не е во работен процес почнувајќи од 10 јули во вечерните часови. При увидот во пречистителната станица утврдено е дека во неа доаѓа отпадна вода од погонот за пластифицирање лим и од пречистителната станица истекуваше отпадна вода која беше видливо безбојна. Исто така, се изврши визуелен увид и во пречистителната станица на ‘Макстил’ АД – Скопје, при што забележано е дека истекуваше видливо безбојна отпадна вода“, објаснуваат од Државниот инспекторат, од каде што заклучуваат дека кај двата субјекти нема забележано појава на истекување портокалова отпадна вода и нема надминување на вредностите на pH и железо во согласност со условите наведени во дозволата.
Од Инспекторатот, од каде што врз основа на утврдената состојба, ќе ја прекинат постапката за овој случај, дополнително информираат дека во главниот колектор од индустрискиот комплекс „Железара“ се влеваат фекални води од сите компании и фирми во кругот на поранешната фабрика и атмосферски води од покривните конструкции од објектите, но и од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација.
„Во главниот колектор преку канализациски приклучоци се влеваат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, од амбуланти, приватни фирми, училишта и семејни куќи“, појаснуваат од Државниот инспекторат додаваќи дека за повеќето од нив надлежни се инспекциските служби од Град Скопје и од Општина Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

