Македонија
Нема место за дивоградбите во Охридскиот Регион, порача евроамбасадорот Гир

Амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, порача дека нема место за дивоградбите на крајбрежјето на Охридското Езеро и треба да се отстранат.
„Уникатното природно и културно богатство што го поседува регионот – признаено од УНЕСКО – мора да биде заштитено. Заштитувајќи го наследството на Охрид сега, ние исто така инвестираме во работни места и унапредувањето на услужните дејности сега и во иднина“, напиша евроамбасадорот на „Твитер“.
Illegal constructions have no place at #Ohrid lakeside and should be removed. The region’s unique natural & cultural wealth– recognized by UNESCO – must be preserved. By protecting Ohrid’s heritage now, we also invest in jobs & the hospitality industry today & tomorrow #RuleOfLaw pic.twitter.com/UKcOshWbcf
— EU Ambassador David Geer (@AmbassadorEU) June 10, 2021
На пораката одговори градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, заблагодарувајќи се на поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.
„Упатувам јавна благодарност до амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, за неговата силна поддршката во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Особено сум горд што нашите стратешки партнери од ЕУ ги препознаваат нашите заложби за почитување на законите и владеење на правото, со што ставаме крај на децениската деградација на крајбрежјето“, напиша Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тупанчески: Со новиот Кривичен законик во целост ќе се ревидира казнената политика

Стручната расправа во Апелациониот суд Штип е прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациски подрачја. По 27 години, се добива нов законски текст, со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните, истакна министерот за правда, Никола Тупанчески, во своето обраќање.
Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела, кои отстапуваа од целите на казнената политика.
„Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат цел отстранување на лоцираните слабости, со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините што се однесуваат на кривичните дела ‘Тортура’ и ‘Малтретирање во вршењето на службата’ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби, што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава“, рече Тупанчески.
Министерот за правда посочи дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле разгледувани документите од Манивал. Во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик беше целосно усогласен со протоколот на Обединетите нации. Значајно е и усогласувањето со директивата на Европската Унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Посочено е дека изминатиот период во јавноста особено актуелни се случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело екоцид и квантифицирање на дејствата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување мерливи параметри, кои се однесуваат на загадувањето на животната средина. Процесот за донесување на новиот Кривичен законик е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за што министерот за правда, Никола Тупанчески, изрази голема благодарност. Во текот на месецот стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелациските судови во Гостивар, Битола и Скопје.
Македонија
Јовановска: Продолжуваме сами и ребрендирани како Десница, не сакаме да сме дел од политики штетни за државата

По десет години постоење, Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), го продолжува политичкиот пат заедно со граѓаните како Десница, она што изворно е во основачите и членството уште кога се вклучивме на политичката сцена. Членството на собранието одржано во мај минатата година даде иницијатива, која во ноември истата година на вонредно собрание резултира со одлука за промени.
Од денешен аспект согледуваме дека сме го направиле вистинскиот чекор и избор – ребрендирањето на партијата да го означи и нашиот самостоен пат. Членство почувствува потреба не само од ребрендирање туку и потреба, пред сè, да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија, велат од партијата.
Десницата, како што појаснуваат, се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Според оваа партија, приклучувањето на Македонија во европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција.
„Десницата не може и не сака да биде дел од лоши и штетни одлуки и политики за државата и граѓаните. Не може да гледаме постојно коленичење без трошка гордост.
Не може да останеме неми на секојдневното разочарување на луѓето од неправдите, омаловажувањето, корупцијата и криминалот, како и стравот, неизвесноста и несигурноста, кои ги чувствуваат сè посилно и сè повеќе од ден на ден. Економскиот стандард и социјален статус на македонските семејствата секој ден оди надолу. Иселувањето зема поголем замав и заминуваат цели семејства надвор од Македониј и тоа не привремено туку долгорочно. Не може да кажеме дека е добро, растат платите, а да премолчуваме дека трипати повеќе растат трошоците и се намалува куповната моќ на граѓаните“, велат од Десницата.
Десницата, додаваат од таму, бара промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија и фер услови еднакви за сите партии, без разлика дали се мали или големи, кои се регистрирани денес, пред 10, 15 или 30 години. Јавните заложби дека наводно сите политички партии сакаат една изборна единица, како што велат од таму, ќе бидат искрени оној момент кога ќе се реализираат и во пракса.
„Сите сме сведоци дека постојано пред секои избори наводно нема време за спроведување на овој изборен модел, кој најреално би ја отсликал волјата на граѓаните“, посочуваат од Десницата.
Македонија
ВМРО-НП бара власта да докаже дали Ванчо Михајлов е соработник на фашизмот

„Во поглед на се почестите нагласувања на тоа дека треба да се забрани и затвори македонскиот клуб „Ванчо Михајлов“ поради контроверзноста на неговиот лик и негова наводна колаборација со фашистичките власти, а во насока на почитување и унапредување на правната држава како еден од столбовите на Северна Македонија прашуваме дали државата има некаков доказ кој укажува на негова наводна соработка со фашизмот, а притоа тој доказ да е правно поткрепен и во Македонија, но и во Европа“ се вели во соопштението од ВМРО-Народна партија.
Оттаму посочуваат „ако во Југославија но и во меѓународното право постоел процес кој донел заклучок дека Ванчо Михајлов е докажан соработник со фашизмот тогаш добро е јавноста да биде запознаена и да престанат сите недоречености со ликот и делото на овој човек“.
„ВМРО-Народна партија смета дека секое паушално обвинение кое не е правно поткрепено од македонскиот или меѓународниот правен систем само ја зацврстува несериозноста и доведува до низа историски небулози кои пак на крајот завршуваат како монети за поткусурување и алатка за нови поделби во државата“ се вели во соопштението.