Македонија
(Видео) „Немојте да го разочарате народот“ – За Мицкоски заменик-министрите се нови лица во политиката, кои може да донесат нова енергија
Наследивме опљачкана држава, но ќе победиме и ќе донесеме подобри денови за граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски, еден месец по формирањето на новата Влада.
По повод собраниската седницата за предлог заменик-министрите во владиниот состав, првиот човек на Владата изрази уверување дека овие заменици ќе ја оправдаат довербата што ја добиваат и ќе работат неуморно за доброто на сите граѓани. Мицкоски ги повика пратениците да го поддржат нивниот избор и со тоа да дадат шанса за подобра и поуспешна иднина.
„Јас сум човек што дава шанса и сметам дека овие луѓе треба да ја добијат, а кои денес ги предлагам и кои треба да работат напорно во исполнување на целите. Со изборот на овие заменици на министрите нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт. Новиот тим ќе донесе идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Како што додаде, новиот состав на Владата ќе продолжи со поддршка на економскиот раст и развој, а еден од приоритетите ќе биде и подобрување на меѓународната соработка. Новите заменици на министрите, вели Мицкоски, ќе работат активно на јакнењето на нашите односи со партнерите и пријателите во странство. Тие ќе имаат задача да поттикнуваат иновации и да креираат можности за младите. Нивната работа ќе биде насочена кон создавање поволни услови за развој на нови технологии и стартапи.
„Верувам дека новите лица во политиката може да донесат идеи и енергија. Многу од замениците на министрите се млади и амбициозни луѓе, кои ќе внесат нова динамика во работата на Владата“, рече Мицкоски.
На заменик-министрите им порача: „Немојте да го разочарате народот. Работете чесно, посветено и одговорно. Ќе ме имате мене за ваша поддршка. Но, исто така знајте дека секое отстапување од овие принципи ќе значи и одговорност. Нема да толерирам неработа и непринципиелност“.
Во своето обраќање првиот човек на Владата рече и дека во овие четири недели констатирале дека се трошеле милиони евра во железница која завршува во тунел што нема излез, половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници во измислени други тунели и подземни премини. Давани се незаконски лиценци за игра на среќа, претпријатија свесно и намерно се оставани без исплата на плати. Буџетите се безмилосно трошени и државата крвнички и душмански се крадела.
Рече и дека тој не побарал меден месец, ниту 100 дена грејс-период каков што имала секоја влада, затоа што верувал во капацитетите и она што може да биде направено за народот. Потсети дека досега во првиот месец од нивното владеење се случиле три големи инвестиции – инвестиција вредна 450 милиони евра во ветерен парк во Штип, Карбинци и Радовиш, новата инвестиција на американски „Вабтек“ – 35 милиони евра, како и германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра во Петровец. Мицкоски рече и дека донесена е одлука за специјалната финансиска соработка со Унгарија и каматна стапка што е двојно помала од онаа што во моментот е пазарната или двојно помала и повеќе од онаа со која претходната влада ги задолжила граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

