Македонија
Неработни денови за 2025 година

Во согласност со Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на РМ“ број 21/98 и 18/07) во 2025 година неработни денови се:
За сите граѓани на РСМ
1 јануари (среда), Нова година,
7 јануари (вторник), Божик, првиот ден на Божик според православниот календар,
30 март (недела), Рамазан-бајрам, првиот ден на Рамазан-бајрам, односно 31 март (понеделник) е неработен ден,
21 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар,
1 мај (четврток), Ден на трудот
24 мај (сабота) Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители,
2 август (сабота), Ден на Републиката,
8 септември (понеделник), Ден на независноста,
11 октомври (сабота), Ден на народното востание,
23 октомври (четврток), Ден на македонската револуционерна борба,
8 декември (понеделник), Св. Климент Охридски.
За граѓаните од православна вероисповед
6 јануари (понеделник), Бадник, ден пред Божик,
19 јануари (недела), Богојавление (Водици),
18 април (петок), Велики Петок, петок пред Велигден,
6 јуни (петок), Духовден, петок пред Духовден,
28 август (четврток), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица).
За граѓаните од католичка вероисповед
21 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден,
1 ноември (петок), Празникот на сите светци,
25 декември (четврток), првиот ден на Божик.
За граѓаните од муслиманска вероисповед
6 јуни (петок), Курбан-бајрам, првиот ден на Курбан-бајрам
За граѓаните припадници на албанската заедница во РСМ
22 ноември (сабота), Ден на албанската азбука
За граѓаните припадници на српската заедница во РСМ
27 јануари (понеделник), Свети Сава
За граѓаните припадници на ромската заедница во РСМ
8 април (вторник), Меѓународен ден на Ромите
За граѓаните припадници на влашката заедница во РСМ
23 мај (петок), Национален ден на Власите
За граѓаните припадници на еврејската заедница во РСМ
2 октомври (четврток), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур
За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РСМ
28 септември (недела), Меѓународен ден на Бошњаците
За граѓаните припадници на турската заедница во РСМ
21 декември (недела), Ден на наставата на турски јазик
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.