Македонија
Не е вистина дека има цијанид стотици пати над дозволеното во Крива Река, рече директорката на инспекторатот, Гиновска
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, ги отфрла тврдењата кои ги презентираше градоначалникот, Сашко Митовски, повикувајќи се на анализи на акредитирани лаборатории, дека во Крива Река има цијанид стотици пати над дозволеното, по хаваријата во „Тораница“.
„Ги демантирам шпекулациите дека тој ден инспектори од Државниот инспекторат не излегле на терен. Ги отфрлам сите обвинувања дека јас имам изјавено оти се излеала само вода. Таква изјава не постои. Ги демантирам шпекулациите дека има помор на риби во Крива Река. Од 14.03 до денес не е забележан помор. Одговорно тврдам дека цијанид неколку стотици пати над дозволеното во Крива Река, нема, како што твдеше грдоначалникот на 28 март“, рече таа и додаде дека за ширење паника на населението кривично се одговара.
Сепак, директорката потврди дека инспекторите дента кога се случила хаваријата не зеле мостри. Инспекторите се самостојни во своите одлучувања, самите прават проценка, рече таа одговарајќи на новинарско прашање. На нејзино барање, потоа биле земени примероци од шест точки, меѓу кои и онаа на која градоначалникот утредента зел мостра. Резултатите, вели, не се такви какви што ги презентирал градоначалникот.
Прашана дали тоа значи дека се спорни резултатите на акредитираните лаборатории, Гиновска рече: „Не тврдам и не навлегувам во тоа дали се спорни, но резултатите кои беа прочитани од страна на градоначалникот не беа веројатно точно прочитани. Тој направи паника и рече дека неколку стотици пати над дозволеното има цијанид“.
Според анализите на акредитираните лаборатории кои ги има таа, цијаниди во Крива Река има помалку од два.
„Како директор ги побарав сите досегашни испитувања и ми се доставени на увид. Ќе ги достави сите анализи до кумановското јавно обвинителство кое веќе отвори случај – и нивните, и на риболовното друштво „Мрена“ и на компанијата „Булмак“, и на градоначалникот“, додаде.
Директорката рече и дека „екоцид“ не се докажува со земање на еден литар вода, од едно место, само еден примерок, туку со сеопфатна анализа.
Таа заклучи дека предметот со Крива Река е сензитивен и не смее да се користи за дневно политички препукувања.
На компанијата „Булмак“ 2016, додаде таа, изречена им е казна од 180.000-200.000 евра за правниот субјект и 10.000 евра за одговорното лице, која е најголема казна во законот за животна средина. Компанијата потпиша спогодба и предметот е предаден на Комисијата за спогодување, при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Директорката на ДИЖС рече дека ќе ги превземе сите соодветни мерки во согласност со законот и ќе ја информира јавноста за следните чекори.
Митовски претходно откри дека во водата има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор по инцидентот на 14 март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

