Македонија
Неотворањето истрага против Артан Груби ја покажува спрегата на ДУИ и СДС со правосудството, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Македонскиот судско-обвинителски систем во спрега со политиката од минатата владејачка гарнитура. Она што ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период го зборува почна на дело и да се покажува – судиите и обвинителите заортачени со СДС и ДУИ. Впрочем, тоа е така затоа што тие судии и обвинители се поставени директно од челниците на СДС и ДУИ, кои, место за правда во Македонија, одработуваат за спас на криминалците од СДС и ДУИ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и ДУИ со години во правосудниот систем си поставуваа судии и обвинители по нивна мерка, кои ќе работат во нивна корист наместо за општото добро на државата и граѓаните. Поставените судии и обвинители ДУИ и СДС потоа ги користеле за влијанија во истражни и обвинителни постапки, како и во судски одлуки.
Тоа се покажа и потврди и со ставањето на Артан Груби на црната листа на Стејт департментот на САД. Една од причините поради кои Груби се најде на црната листа е токму поради криминалното мешање во судството, кој зел мито за да влијае на судски одлуки.
Криминалните дејства успеа да ги види и за нив да обезбеди докази нашиот стратешки партнер САД, но тоа не може да го видат нашите октроирани и од СДС и ДУИ поставени обвинители. Со секој изминат ден, во кој нема истражна постапка за утврдување на криминалните дела сторени од Артан Груби, Јавното обвинителство го пробива секое дно и ја поткопува и така ниската доверба од граѓаните.
Не отворањето истражна постапка против Груби, само ја покажува спрегата на ДУИ и СДС со правосудството, што го потврдија САД со ставањето на десната рака на Али Ахмети на нивната црна листа.
Криминалните дејства што Артан Груби ги правел во периодот кога бил колега со Венко Филипче во истата влада на СДС и ДУИ и истите тие го узурпираа судството во државата.
На цела македонска јавност сега им е јасно за повиците на ВМРО-ДПМНЕ до судството и Обвинителството да почнат да си ја работат работата за кои се платени и да работат по закон. И исто така, македонските граѓани добро знаат дека на таквите повици кога реагираат СДС и ДУИ дека тоа било политички притисок, всушност се нивните изблици на страв од губење на контролата и доаѓање на период на одговорност за сторените криминали.
Сите знаат дека драмолетката и циркусот со Уставниот суд е исто така режија на ДУИ за политичка и медиумска видливост и дефокусирање на јавноста. Сè што СДС и ДУИ прават и правеле во изминатиот период е за да се спасат од одговорноста што им следува за целиот криминал направен изминатите години и за тоа не избираат средства и ги користат дури и најсензитивните теми, како меѓуетничките односи.
Одговорност за сторените криминали и корупција од страна на челниците на СДС и ДУИ мора да има, а за тоа е потребно само судиите и обвинителите да почнат да работат според законот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.