Македонија
„Не сум портпарол“, е новото „прашајте ја институцијата“ секогаш кога Ковачевски нема што да одговори, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„”Не сум портпарол на функционерите, чии роднини се вработени во МНАВ’, вели Ковачевски. Точно, Ковачевски не е портпарол на владата за вработувањата во М-НАВ, но очигледно не е ниту некаков фактор во владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Неговото, „не сум портпарол“, е новото „прашајте ја институцијата“ секогаш кога Ковачевски нема одговори. Кога Ковачевски изјавува дека имало вработувања до трето колено во М-НАВ, очигледно мисли, на неговиот партиски колега и министер Љупчо Николовски, каде е вработен неговиот внук, а според признанието на самиот Николовски во 2018, таму се вработени и чичко му и братучед му!
Понатаму, не заостануваат ни од ДУИ, во партиските и роднински вработувања, па така: Бујар Османи вработил сестра, Артан Груби ја вработил снаата, Ејуп Алими (експратеник на ДУИ) – две снаи и син, Беким Незири (притворен како предводник на групата тепачи) – си го вработил внукот.
Јавноста памети дека од 2018, континуирано алармираме за партиски вработувања во М-НАВ, за:
– син на директор на социјалните фондови;
– внук на директор на телекомуникациски оператор;
– Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри;
– Антонио Кочовски зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески;
– роднина на екс-министерот Горан Сугарески;
– за претседател на УО на М-НАВ беше поставен Николче Тасески, зет на екс-министерката Рената Дескоска.
Потоа, таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, како и братучетка на екс- министерката Јагода Шахпаска од СДС.
Ова е сликата на оваа власт, роднински вработувања, подржани од бандитски групи, кои се спремни на се, да ги одбранат своите газди.
Народот е решен овие лица, да ги пратат во историјата, а потоа, да ги повикаат на одговорност, тие само знаат да ја цицаат државата и да ја користат, за приграбување, на што поголемо богатство и вработувања на роднини, во институции каде има плати од илјадници евра.
Никогаш не било полошо! Важно е да ги поразиме?“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.