Македонија
Никола Ристановски: Признанието за заслужен граѓанин го посветувам на сите здравствени работници
„Секогаш постојат херои кои никогаш нема да ги дознаеме. Тоа се хероите од болниците. Со целиот мој габарит и искуство, моето признание за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2019 година го посветувам на сите здравствени работници во земјата. На оние кои се на фронтот во борбата против вирусот Ковид-19“, истакна актерот Никола Ристановски, кој ја прими наградата за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2019 година, која му ја врачи градоначалникот Стефан Богоев.
Ристановски го изрази своето задоволство, бидејќи локалната самоуправа ја прогласува медицинска сестра од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Јорда Манасиеска, за заслужен граѓанин на Карпош за 2020 година.
„Овие дискретни херои, но и воспитувачките во градинките, наставниците, фармацевтите, продавачите по маркети, пекарите и хигиеничарите ја заслужуваат најголемата почит на заедницата“, истакна Ристановски.
Градоначалникот Богоев изрази благодарност кон реномираниот македонски актер, кој минатата година прифати да добие вакво признание од Општината. Во текот на денешната средба Богоев и Ристановски разговараа и за чувствителната ситуација во која се наоѓаат сите граѓани. Културните работници се особено погодени од оваа криза, но дури и во вакви времиња дел од нив создаваат нови дела, а наша обврска е да ги почитуваме домашните артисти.
Општина Карпош, во рамки на одбележување на својот роденден, традиционално го доделува признанието за заслужен граѓанин. Истото не подразбира никаква финансиска поддршка, туку еден вид благодарност и признание за личности, коишто се важни за заедницата поради својот придонес во различни општествени сфери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

