Македонија
Николовски на средба со градоначалниците од СДСМ: Важен е развојот на општините

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, синоќа одржа одржа онлајн-состанок, редовна координација со градоначалниците од редовите на СДСМ.
На состанокот беше разговарано за работата на градоначалниците, степенот на реализација на програмите за работа на општините, меѓуопштинската соработка, локалниот економски развој, како и реализација на проектите поддржани со ребалансот на буџетот за 2020 година.
Генералниот секретар Николовски изрази задоволство што и во време на панедмијата единиците на локалната самоуправа, како што рече, продолжуваат посветено да работат во интерес на граѓаните преку реализација на крупни и важни мерки и проекти.
Николовски се осврна и на поддршката од Владата преку финансирање капитални проекти во општините, а како последен пример го наведе одвојувањето средсства преку ребалансот на буџетот, наменети за финансирање капитални локални проекти.
„Развојот на општините е важен, особено сега во време на корона-криза. Затоа, со ребалансот на буџетот за 2020 година Владата предводена од СДСМ пренамени 120,6 милиони денари, средства за финансирање капитални проекти на десеттина општини. Овие средства се распределуваат за реализација капитални проекти во општините Штип, Тетово, Крива Паланка, Кочани, Прилеп, Охрид, Карпош, Центар Жупа, Валандово, Дојран, Демир Капија, Градско. Со ова покажуваме дека Владата препознава и поддржува квалитетни и важни проекти за граѓаните на локално ниво, но истовремено и испраќа порака, градоначалниците, заедно со советите, со стручните служби во општините, да бидат уште повеќе посветени на изработка на издржани и квалитетни проекти кои ќе бидат поддржани од државниот буџет“, порача Николовски.
Тој ја потенцира и важноста на општините во справувањето со пандемијата на коронавирусот додавајќи дека во периодот што следува, ќе се помогнат општинските кризни штабови со цел зголемување на нивните капацитети и оперативност.
Со промените на дејствување на СДСМ во тек е мерит-систем на функционирање, каде што се мониторира и оценува работата на сите функционери на СДСМ, меѓу кои и градоначалниците, и ги повика уште повеќе да работат за интересите на своите сограѓани.
„Во периодот што следува уште повеќе посветено да работите, да бидете сервис и партнер на вашите сограѓани. Нашата мисија е постојано да им служиме на граѓаните и од тоа отстапка нема“, заклучи Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изборот на органите во МРТ и АВМУ со просто мнозинство е ризичен, реагираат новинарските организации

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство.
Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието на РСМ да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива.
„Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил ‘мерит-системот’ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постоечките закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат од новинарските организации.
Дополнително, како што велат, загрижува фактот што овој Закон е предложен да биде усвоен по брза постапка, без никакво образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата, ниту, пак, за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во неговото носење.
Оттука додаваат дека начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците. Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение.
За начелото за избор со двотретинско мнозинство, новинарските и медиумските организации се залагаа и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ.
Македонија
Експертите од Националната конвенција бараат да се формализира работата од дома

Да се формализира во законски рамки работата од дома, која се наметна како потреба за нов начин на организирање на работата во време на пандемија е една од главните препораки на експертите што учествуваа на денешната онлајн осма сесија на Националната конвенција за ЕУ од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека темата е од суштинско значење за утврдување на правните механизми за регулирање на оваа материја.
„Пандемијата не е само здравствена туку, и економска и социолошка криза што ги погоди и многу моќните економии, бидејќи вирусот е бескомпромисен. Во кризниот период приоритет беше да се зачуваат работните места и помошта на ранливите категории, со цел да им помогнеме и на компаниите и на работниците. Работата од дома, која се наметна како нов концепт и како нов начин на работа, стана сериозно искуство и ова ќе биде вградено во новата законска регулатива понатаму. Социјалната реформа беше ставена на тест. Одговорно тврдам дека таа овозможи да ја пребродиме кризата“, изјави Шахпаска.
„Работата од дома како начин на организирање на работниот процес ќе продолжи и по завршување на пандемијата што бара системско регулирање на оваа материја“, изјави професорот на Филозофскиот факултет од Скопје, Јован Пејковски.
Притоа, како што додаде тој, ќе биде потребно да се прецизираат и други детали, како максималниот и минималниот број на работни часови, минималниот надомест, начинот на кој ќе се напредува во кариерата, под кои услови може да се прекине договорот за работа, користењето боледување и одмор, заштита при работа од дома, заштита на мајчинстовто, период на исплата на платата, работа од дома на определено и на неопределено време, каква е обврската за известување на работодавачот во поглед на промени на обврските и условите, плаќање на прекувремена работа во случај кога е зголемен обемот на работа, кои се обврските на работодавачот, одржување на опремата, инсталациите, зајакнување на интернет-врската, дигитализација, инвестирање во информатичка технологија, заштита на податоци и слично.
На ова барање се надоврзаа и професорите Лазар Јовевски, од Правниот факултет и Зоран Михајлоски од Американ колеџ, кои нагласија дека начинот на работа од дома треба да се уреди со реформата на Законот за работни односи која е во тек.
Дел од експертите се согласија дека кризата се одрази и врз балансот на родовата рамноправност.
„Кризата има и родова димензија, покрај правниот механизам за кој денеска дискутираме. Здравствената криза отвори многу предизвици. Ги погоди сите земји во светот и од родов аспект и ја засили постојната нерамноправност“, изјави Габриела Маџовска од МТСП.
На тоа се надоврза и универзитетската професорка Македонка Радуловиќ, која зборуваше за ранливоста на вработените жени на пазарот на трудот и која препорача да се воведе и контрола на имплементацијата на новата регулатива, како и тоа дека треба да се отворат детски градинки што ќе работат 24 часа за родители што работат на смена, како и обезбедување семејни асистенти.
На дебатата се вклучија и словачките експерти Даниел Шкобра и Томаш Стражај, кој се заблагодари за организацијата на вебинарот и покрај пандемијата со коронавирусот и посочи дека целта на ваквите сесии, како и на самата Национална конвенција е да се споделуваат искуства и да се помагаат и поддржуваат експертите меѓусебно.
„Во планот на ЕУ за заздравување од пандемијата се вклучени не само 27-те членки, туку и неколку други држави, меѓу кои и Северна Македонија. Сакам да нагласам дека Словачка целосно ги поддржува заложбите за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија“, рече Стражај.
Во тој контекст дебатата ја заклучи координаторката на Националната конвенција, проф. д-р Милева Ѓуровска, која изјави дека тригодишното искуство на Националната конвенција покажа дека не само што функционира новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, туку и го зголеми интересот меѓу повеќето чинители од општествениот живот во нашата држава, особено во делот на трудовите односи што беше тема на денешната дебата и што спаѓа токму во кластерот на економската сфера.
„Економијата беше посебна ударна точка на пандемијата и може да се мери со најголемите кризи во светот. Затоа, регулацијата на начинот на работата од дома бара мерки на долг рок“, заклучи Ѓуровска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев на маса во ресторан во Полошкиот Регион ги договорил точните проценти од пописот

Костадин Костадинов и СДСМ очигледно се нервозни, па штом ќе се најдат во офсајд или наидат на отпор во јавноста заради погрешните политики, веднаш го споменуваат Груевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по денешната прес-конференција на портпаролот на владејачката партија кој го обвини поранешниот премиер за вмешаност во, како што кажа, саботажата на пописот.
Од опозициската партија воедно го повикуваат Костадинов да одговори дали е вистина дека Зоран Заев точните проценти од пописот ги договорил на маса во ресторан во Полошкиот Регион и дали, како што велат, сè друго е фарса која ќе ги чини граѓаните 10 милиони евра.
„Јавноста јасно виде дека СДСМ прави политичко-пазарџиски договор наречен попис, за кој веќе јавно се лицитира со резултати, бројки и проценти. Ваквиот насилен попис кој е продукт на стандарди и пазари на Заев, создава конфликти во јавноста и за тоа одговорност има само СДСМ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, постојат и факти дека се работи за гола политика, а не статистика.
„Пописот се спроведува со врзан потпис на директорот и заменик-директор на ДСЗ, пописот се спроведува надвор од европските стандарди и предвидува попишување на нерезиденти, пописот ќе се прави без јасна методологија со обично диктирање матични броеви, без приложување документи, па уште се оди до таму податоците на отсутните да ги диктираат лица кои најдобро ги познаваат“, велат од опозициската партија.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот