Македонија
Николовски пред превозниците: Ќе работам на менување на свеста на царинските службеници и на сите учесници во царинските постапки
Усогласување на работното време на инспекциските служби на граничните премини, автоматизација на терминалите на граничните премини со грант од ЕУ и негово поврзување со новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички што се имплементира во моментов, како и унапредување на дигитализацијата и поврзување на институциите во рамки на државата но и на ниво на држави, се трите главни реформски мерки на коишто ќе работи Царинската управа во следниот период. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на средба со генералниот секретар на Асоцијацијата, Макам-транс, Билјана Муратовска. Средбата беше остварена на еден од најфреквентните гранични премини, Табановце, а со цел увид на состојбите, но и дијалог со Асоцијацијата каде се членки 1.500 превозни компании.
„Дијалогот е клучен за унапредување на мерките и политиките што ги преземаме, а коишто мора да дадат конкретни резултати. Пред претставниците на транспортерите ветивме конкретни политики и мерки кои треба да резултираат со скратување на времето на чекање, заштеда на средства и зголемување на конкурентноста на македонското стопанство“, истакна Николовски.

Тој потенцира дека проектот за автоматизација на терминалите на граничните премини и негово поврзување со новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички ќе придонесе за значително намалување на времето на чекање, како еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат транспортерите. Истовремено, како што рече, ќе се намали потребата од човечки фактор, што ќе придонесе за намалување на криминалот и корупцијата и прибирање повеќе приходи во Буџетот.
Второ, нагласи тој, преку повисок степен на дигитализација ќе се модернизираат институциите и ќе се подобрат услугите кон компаниите и граѓаните. Како една од клучните мерки за скратување на времето на чекање, а за што е разговарано и со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, ќе се усогласи работното време на инспекциските служби на граничните премини со работното време на граничните царински испостави. Ова особено ќе се примени на најфрекветните гранични премини, Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан и Блаце.
Директорот воедно потенцира дека лично ќе се осигура секој потпишан протокол што е во насока на олеснување на трговијата, како последниот за признавање на кантарските белешки, строго да се почитува, но истиот повика да се применува и од страна на превозниците.

Директорот уште еднаш пред јавноста апелира дека „работиме на менување на свеста на царинските службеници како приоритет во службата“.
„Ќе се бара ред, работа, дисциплина и максимален професионален ангажман од секој царински службеник при извршување на работните задачи. Директно апелираме и до транспортерите и до сите учесници во царинските постапки од нивна страна да се почитува царинската униформа, бидејќи само тоа е начинот на којшто ќе ја издигнеме ефективноста во работењето и очекуваните резултати ќе ги искачиме на максимално ниво“, порача Николовски.
Генералниот секретар на Макам-транс Муратовска изрази задоволство од дискусијата со директорот Николовски нагласувајќи дека секое скратување во времето на чекање е во полза на транспортерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

