Македонија
Николовски: Mеѓународните партнери го препознаваат нашиот напредок во борбата против корупцијата
Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, предводи официјалната владина делегација во посета на Виена.
Денеска, вицепремиерот одржал работен состанок со извршната директорка на канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC), Гада Фати Вали.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот се разговарало за досегашната соработка во рамките на регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа, со посебен фокус на мерките што Република Северна Македонија ги презема во делот на борбата против корупцијата.
„Особено ми е драго што UNODC искажа огромна поддршка, го препозна напредокот на Република Северна Македонија и од сите земји од регионот се задоволни од соработката со нашата земја. Ова е дополнителна мотивација за нас да продолжиме уште повеќе и уште посилно во борбата против корупцијата заедно со нашите меѓународни партнери“, посочил на состанокот Николовски.
Извршната директорка Вали го поканила вицепремиерот да присуствува на деветтата сесија на конференцијата на државите членки на конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата, што ќе се одржи од 13 до 17 декември годинава во Меѓународниот конгресен центар во Шарм ел-Шеик, Египет.
Во текот на денешниот ден Николовски одржал работна средба и со директорот на одделот за договори на UNODC и неговиот тим експерти, на која биле презентирани мерките што Република Северна Македонија ги презема во делот на засилувањето на граничната контрола, огненото оружје, имплементацијата на одредбите од договорното писмо, кое беше потпишано со Владата во 2020 година, како и имплементацијата на одредбите од конвенцијата на Обединетите нации против транснационален организиран криминал и конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата.
За време на официјалната посета на Виена, вицепремиерот ќе има работна средба и со министерката за правда на Австрија, Алма Задич.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

