Македонија
Ниту еден наставник нема да остане без работа со новиот план, велат од Бирото за образование
Реформите не предвидуваат укинување научни дисциплини, туку нов пристап во наставата, наведе Бирото за развој на образованието, додавајќи дека со новиот наставен план ниту еден наставник нема да остане без работа.
Бирото кое работеше на новата Концепција за основното образование најавува дека предлог-текстот на Концепцијата ќе биде даден на јавна расправа и сите засегнати страни ќе може со свои предлози да учествуваат во подобрување на овој концепт. Имплементацијата е предвидено да почне од учебната 2021/22 година со учениците од прво и шесто одделение, по усогласување на концепцијата и наставните програми со сите релевантни чинители.
По донесувањето на Концепцијата ќе следи изработка на наставни програми за сите одделни наставни предмети. Од Бирото наведуваат дека овој процес, како и до сега, ќе биде транспарентен и инклузивен, а во него ќе учествуваат универзитетски професори и наставници од практиката кои заедно со претставници од Бирото, ќе ги развиваат наставните програми.
БРО истакнува дека предлог-наставниот план предвидува изучување на нови интегрирани наставни предмети, но тоа не значи укинување на одделните научни дисциплини – историја, географија, граѓанско образование. Напротив, тие ќе бидат изучувани преку нови пристапи што подразбираат интеграција и интердисциплинарно изучување прилагодено на возраста на учениците.
„При изработката на новиот наставен план и застепеноста на задолжителните и изборните предмети особено внимание е посветено на ангажираност на постоечкиот наставен кадар, искористување на капацитетите со коишто располага секое училиште и одговорно тврдиме дека ниеден наставник нема да остане без работа. Наставниците ќе бидат ангажирани за реализација на наставата, а особено за креирање на сопствена листа на изборни предмети и за изработување наставни програми од интерес на учениците, Исто така, ќе бидат ангажирани во реализација на општествено-хуманитарната работа со учениците и воннаставните активности“, наведуваат од Бирото за развој на образованието.
Оттука нагласуваат дека иако фондот на часови е намален по одредени наставни предмети (музичко и ликовно образование), преку изборните предмети и воннаставните активности наставнииците кои ја изведуваат наставата ќе имаат дури и повеќе часови отколку што имале до сега. Според анализите на БРО, ќе има и потреба од ангажирање на нови наставници. Целото ангажирање на наставниците ќе биде вреднувано, како преку нивниот кариерен развој, така и преку зголемениот обем на работа (доколку се ангажирани за реализација на различни активности во училиштето).
За сите новини, наставни програми, други активности ќе бидат подготвени нови учебници, наставни материјали и прирачници. Бирото за развој на образованието ќе им овозможи на наставниците континуирана обука и поддршка за планирањето, организирањето и реализацијата на наставата и сите предвидени активности во училиштето.
БРО ги повикува сите наставници да ја дадат поддршката на предвидените реформи.
„Само преку нови, креативни пристапи ќе успеееме заедно да дадеме нов квалитет на основното образование и да овозможиме нашите ученици да бидат среќни и задоволни во училиштето. Ние како институција ќе ги вложиме сите напори да успее предвидената реформа, но очекуваме, како и до сега, посветеност, доверба и соработка од наставниците. Образованието мора да биде заеднички интерес на сите во државата, без оглед на етничката, верската, политичката, родовата или која било припадност. Да се обидеме интересот на децата и нивното задоволство од учењето и престојот во училиште да нè поврзе и да работиме за доброто на сите ученици. Наставниците ја покажаа својата посветеност оваа година, кога во услови на здравствена криза, без многу време за посебни подготoвки, успеаjа целата настава да ја водат од далечина, така што не се сомневаме во нивната успешност сега кога ќе ја добијат целосно поддршката од институциите за претстојната реформа. Институциите тоа го почитуваат, знаат да го вреднуваат и да работат на враќање на достоинството на наставничката професија“, наведе Биро за развој на образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.

