Македонија
Нова дополнителна сила за македонската Армија – промоција на нови офицери и подофицери

Во воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа свеченост на која беше промовирана 24. класа потпоручници, слушателите на курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин и слушателите на основниот курс за подофицери во чин водник.
На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој на новите лидери во Армијата, офицери и подофицери им порача: „Лидерството не е само авторитет, лидерството е инспирација, давање пример и негување работна средина во која секој ќе може да напредува, а вие сте повикани да водите со мудрост, храброст, одлучност и да носите одлуки со чесност и интегритет, кои ќе ги отсликуваат вредностите што ја дефинираат нашата Армија“.
Пред присутните Мисајловски истакна дека денешна промоција е признание за нивниот труд, но и доказ за довербата што им е дадена да станат дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните. Тој упати благодарност за одлуката да им служат на државата и граѓаните и до нивните семејства за поддршката и разбирањето за нивната определба.
Министерот Мисајловски во своето обраќање ја потенцира важноста на Воената академија во регионални рамки.
„Оваа година на нашата Воена академија со прв офицерски чин се стекнуваат и питомци од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа ја покажува нашата сериозна посветеност во регионалната стабилност и безбедност. Создадовме човечки капацитети, офицери, кои изминативе 4 години заедно живееја, се едуцираа и обучуваа како да ги совладаат задачите што им претстојат. Верувам дека и понатаму во животот ќе останете добри пријатели и дека активно ќе соработувате и заеднички ќе придонесувате во зајакнување на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во алијансата“, рече Мисајловски.
На денешната свеченост се обрати претседателката и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, која на новите офицери и подофицери им рече: „Вашите животи знам дека не се исти. Но, денеска овде и за време на студиите се спојуваат. Животот е еден трнлив, незапирлив марш кон слобода, кон знаење, кон успеси. Никогаш не заборавајте дека тој пат го изоделе и го отвориле илинденците, партизаните, асномците, а потоа и вие.
Армијата, всушност, е едно семејство од лични приказни, меѓутоа не е само обичен збир на припадници. Има нешто заедничко – сите вие овде, на кои јас сум горда, офицери, подофицери, војници, сте обврзани со нешто свето, со свечената заклетва, да ги браните слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на нашата македонска татковина. Се разбира, војската бара дисциплина, не само посветеност. Затоа и вие дисциплинирано, совесно и одговорно, како што студиравте, како што учевте, така и да ги извршувате обврските и должностите како бранители на слободата и честа на татковината и додаде: „Никогаш не заборавајте од каде доаѓате. Никогаш не заборавајте ја вашата заклетва дека сте тука, пред сè, за македонските граѓани и за одбраната на македонската република“.
„Со вашата упорност и решителност покажавте дека секоја препрека може да се надмине. Заедно, со посветеност и верба, ги надминавте сите сомнежи и ја потврдивте вашата сила. Секој од вас има своја улога во оваа приказна на успехот. И, денес, стоите овде не само како поединци, туку како доказ за тоа што може да се постигне кога се работи заедно, со верба во себе. Ова е вашето време да ги докажете своите способности, да покажете што значи вистинска храброст и да изградите светла иднина за Армијата и државата“, им порача деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски, на новите офицери.
Денеска во потпоручници беа промовирани 38 питомци, од кои 24 за потребите на македонската Армија (12 жени и 12 мажи), 8 од Црна Гора и 6 од Босна и Херцеговина. Во прв офицерски чин – поручник беа промовирани 60 слушатели, кои во периодот септември 2023 – февруари 2024 и февруари – јули 2024, поминаа шестмесечен курс за стручно оспособување и усовршување за офицери за служби за потребите на Министерството и Армијата и 60 подофицери во чин водник.
На денешната свеченост присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министерот за спорт, Борко Ристовски, претставници на воено-дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина и Црна Гора и други високи гости од Министерството и Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Јанков: Масовно излезете на 19 октомври и заокружете го бројот 9 за историска победа во Струмица

Петар Јанков, кандидат за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес се заблагодари за огромната поддршка која што ВМРО-ДПМНЕ ја добива од граѓаните во Струмица.
„Секојдневно сме меѓу вас, разговараме, добиваме огромна поддршка, благодарност за поддршката“, вели Јанков.
Јанков ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да излезат, да го заокружат бројот 9, се со цел огромна победа во Струмица.
„Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете, да го заокружите бројот 9 и да извојуваме една голема победа во Струмица“, истакна Јанков.