Македонија
Новинарскиот синдикат: Пресудата против ИРЛ е загрозување на слободата на изразување, судот не смее да кажува кој е новинар
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека образложението на пресудата на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) и новинарката Сашка Цветковска е скандалозно, неприфатливо и незамисливо за едно демократско општество.
„Со оваа пресуда која беше објавена вчера не се навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“ емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда пресудата на судијката Јованка Спировска Панева. Притоа се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност“, велат од синдикатот.
ССНМ смета дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.
Главните спорни точки во пресудата, како што се наведува, се дека „ИРЛ нема својство на медиум“, дека „членовите на истото немаат својство на новинари“, дека не смеат да објавуваат новинарски обликувани емисии, ниту пак, да се претставуваат како новинари, ниту да се „бават со жанрот истражувачко новинарство“.
„Ваквите квалификации во пресудата со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура. Уште повеќе загрижува и повикот на судијката до државните институции да го преиспитуваат работењето на граѓанските организации кои објавуваат новинарски содржини, па дури и камуфлирано предлага нивно затворање, што е својствено за авторитарни и диктаторски режими кои се пресметуваат со оние кои откриваат важни теми од јавен интерес“, се вели во соопштението на синдикатот.
ССНМ потенцира дека оваа пресуда се коси со уставните начела на слобода на изразување и слобода на медиумите, како и со праксата на Европскиот суд за човекови права. Исто така, воведува уште поголем хаос во одлучувањето на граѓанскиот суд бидејќи одамна е воспоставена пракса дека изданијата на невладините организации се сметаат за медиуми.
Нагласуваат дека државните институции, како и правосудните органи не смеат да навлегуваат во тоа кој е новинар или што е медиум, туку дека тоа е работа на новинарската фела за што постојат и правила за саморегулирање.
Се додава дека ваквото опасно, паушално, ригидно и во негативна конотација креативно толкување пред сѐ на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставува опасност не само за оние кои се бават со новинарство, туку и на слободата на изразување која е загарантирана со македонскиот Устав, како и за сите слободни професии кои критичко го опсервираат општеството. На крајот, оштетени се граѓаните кои ќе бидат лишени од важни и критични информации во врска со работата на разни моќници чиишто дејствија се одразуваат на секојдневен живот на граѓаните.
„На крајот, како обид за разобличување на ова образложение цитираме и членови од Законот за медиуми каде се дефинираат поимите „содржини на медиум“ и „новинар“ и укажуваме на бесмисленоста и нелогичноста на оваа судска пресуда, земајќи го предвид фактот дека емисијата „Заговор против воздухот“ е новинарски уредена содржина емитувана на јавниот радиодифузен сервис, кој се надеваме дека никој и никогаш нема да спори дека е медиум. Содржини на медиум (во натамошниот текст: содржини) се сите видови на информации (вести, мислења, известувања, извештаи и други информации), како и авторски дела кои се објавуваат, односно емитуваат преку медиум“, велат од синдикатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

