Македонија
Нови линии на улично осветление на повеќе локации во општина Илинден – рекордни 7.000 метри во текот на 2025 година
Во рамки на проектот „Илинден – Светла Општина“, општина Илинден интензивно продолжува со поставување на нови линии за улично осветлување во сите населени места низ општината.
Во месец август беа поставени нови линии за улично осветлување во вкупна должина од 1.700 метри, од кои: комлетно осветлен патниот правец Илинден – Пуста Кула во должина од 1.200 метри, крак на ул. „9“ во н.м. Кадино во должина од 70 метри, крак на ул. „1“ во н.м. Ајватовци во должина од 150 метри, крак на ул. „1“ и осветлување пред училиштето во н.м. Бунарџик во должина од 230 метри, како и крак на ул. „2“ во н.м. Мралино во должина од 50 метри, известува Општината.

„Во тек е поставување на дополнителни 2.500 метри нови линии за улично осветлување, и тоа: ул. „119“, ул. „120“ и дел од ул. „106“ во н.м. Јака во должина од околу 1.000 метри. Потоа, патот кон манастирот „Св. Ѓорѓија“ во н.м. Делјадровци во должина од околу 1.100 метри
Покрај тоа, во наредниот период ќе започне и реализацијата на нов проект за улично осветлување на патниот правец Бујковци – Мршевци, каде ќе бидат поставени нови канделабри со ЛЕД осветлување во должина од околу 400 метри. А, во наредниот период ќе се продолжи и со поставување на улично осветлување низ сите населени места во општината.

Со овие активности, како и со претходно реализираните 2.120 метри нови линии, вкупната должина на поставено улично осветлување во текот на една календарска година ќе достигне рекордни 7.000 метри, што претставува јасен доказ дека Општина Илинден останува посветена на подобрување на јавната инфраструктура, со цел создавање на побезбедна и поквалитетна средина за живеење на сите граѓани“, соопшти општина Илинден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

