Македонија
Нови правила на аеродромите: Патниците да пристигнат три часа пред летот, на влез ќе им се мери температура

Аеродромите во Скопје и во Охрид повторно ќе бидат отворени од 1 јули, а ТАВ Македонија воведува нови правила за патување, со цел заштита од коронавирусот.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, кажа дека ги следеле искуствата на другите аеродроми во светот со цел да ги искористат најдобрите практики со цел патниците, персоналот и партнерите да се чувствуваат безбедно.
„Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание“, вели Ерсој.
Како што објаснуваат од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот аеродром Скопје, при заминувања (Departures), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот Departures C, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на нашите агенти за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на бесконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.
„По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродрома ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат“, објаснува Ерсој.
Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалниците на аеродромот, на заминувања (Departures), пристигнувања (Arrivals) и кај излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани.
Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување. Истата е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.
При излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците, пак, ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.
Во врска со распоредот на летање, ТАВ Македонија ги упатува сите патници да ги следат веб-страниците на двата аеродрома, каде што ќе бидат објавени најновите распореди на летање.
Меѓународниот аеродром Скопје беше затворен за патнички летови од 19 март, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид од 16 март.
ТАВ Македонија од јануари до мај 2020 забележа 53% намалување на бројот на патници и 47% намалување на бројот на летови, во однос на истиот период од 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.