Македонија
Нови сообраќајни знаци во близина на градинките и училиштата во Центар

Во Центар продолжуваат активностите за заменување на старата и оштетена вертикална сообраќајна сигнализација на улиците што се под надлежност на оваа скопска општина.
Денеска, општинските служби ја обновуваат вертикалната сообраќајна сигнализација на улицата Тасино Чешмиче, во зона на детската градинка „Кочо Рацин“ – објект „Панорама“.
Деновиве поставени се нови сообраќајни знаци и на други улици во зони на основни училишта и градинки, и тоа на „Мирче Ацев“, во непосредна близина на ОУ „11 Октомври“, на улицата Стив Наумов, во близина на детската градинка „Р. Ј. Корчагин“ – објект „Пепелашка“ и на улиците 29 Ноември и Радњанска, во близина на ОУ „Коле Неделковски“.
Од Општината нагласуваат дека со овие активности се олеснува ориентацијата и се нормализира движењето на учесниците во автомобилскиот сообраќај, а се зголемува степенот на безбедност на родителите и децата што престојуваат во детските градинки и посетуваат настава во основните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Приведен тетовец за подметнување на пожар кај гробиштата во Катланово

Полицијата го приведе И.Џ. (49) од Тетово, поради подметнување на пожар кај Катланово.
„Денеска околу 13 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар кај православните гробишта во Катланово, при што горела нискостеблеста шума и трева, а според тврдење на очевидец, пожарот го подметнал И.Џ.“, соопшти МВР.
Пожарот самиот се изгасил откако заврнало дожд.
По расчистување на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Единаесет лица се приведени за злоупотреба на тендер за набавка на мазут

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка за тринаесет лица и една фирма, поради злоупотреба на тендер за набвака на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево, уапсени се 11 лица.
Меѓу осомничените е и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, а во истрагата е опфатена фирмата која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Во истрагата е опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница за случајот Адитив, како и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча кој е во притвор за истиот случај.
„Во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари или околу 167.549.985 евра. Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки, спроведувајќи постапки за јавна набавка на мазут спротивно на Упатството за начинот на спроведување на јавните набавки во АД ЕСМ. Со непочитување на начелата на сразмерност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација на економските оператори, иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.02.2023 година“, соопшти ОЈО ГОК.
Паричните средства кои осомничените ги прибавиле со кривичното дело, ги пуштиле во промет, промениле и пренеле на друг со цел да се прикрие изворот на потеклото.
Со дел од средствата купиле две моторни возила „мерцедес“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Воедно, врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ,,позајмица’’ кон своето правно лице.
Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на пет лица да им биде определена мерка притвор, од кои за едно лице мерката да се примени по неговото пронаоѓање. Едно лице осомничено и во предметот „Адитив“ веќе се наоѓа во притвор, додека за останатите осомничени се предложени мерки за обезбедување присуство.
Македонија
Собранието изгласа недоверба на пет членови на Судскиот совет

Собранието изгласа недоверба на членовите на Судскиот совет Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа.
Законодавниот дом констатира дека тие имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
На седницата не присуствуваа пратениците од СДСМ.
Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.