Македонија
Нов бран странски инвестиции, кои ќе донесат од 5 до 6 милијарди евра во Македонија, најави ВМРО-ДПМНЕ
Нов бран на странски инвестиции кои ќе донесат од 5 до 6 милијарди евра во Македонија, што значи нови работни места за граѓаните и модернизација на државата, најави ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на странски инвестиции и тоа е еден од главните начини за подобрување на економијата, отворање на нови работни места и модернизација на државата. Најавена е инвестиција помеѓу половина милијарда и една милијарда, средства кои ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионална и експресни патишта. Дел од тие патишта ќе бидат реконструирани, а дел ќе се градат. Граѓаните ќе добијат побезбедни патишта како и можност за полесно патување и транспорт на стоки. Владата на ВМРО-ДПМНЕ е посветена на стабилизирање на економијата, подобрување на стандардот на граѓаните и нивниот квалитет на живот“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе се гради Клинички центар во Штип, а болницата во Кичево ќе се гради на нова локација. Исто така, најавена е реконструкција на Клиничка болница Тетово, операционите сали и два нови оддели ќе бидат опфатени.
„Пругата Табановце-Гевгелија, која ќе биде дел од Коридор 10, во која патничките возови ќе се движат 160км/час, а карго по 110км/час. Ова е проект кој ќе натфрли помеѓу 3 и 3.5 милијарди евра. По основ на ова БДП оди нагоре, а јавниот долг се намалува. Граѓаните ќе добијат подобар пристап и квалитетно здравство и надвор од главниот град. По преговорите од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на посетата на ОАЕ со странски инвеститори најавени се и нови проекти. Проекти на веќе постоечки локации во Охрид, откуп од сопствениците, и две нови локации. Попова Шапка Ски центар, локација кај Касарната за обележје, кое нема да биде само обележје на Скопје и Македонија, туку и регионот. Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти, соларни и нови ветерни централи, а институциите веќе се вклучени во процесите. Овој инвестициски бран е помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

