Македонија
Нов зелен сквер за граѓаните од Карпош 2
На аголот помеѓу булеварот Илинден и улицата Никола Тесла, до гимназијата „Орце Николов“, редизајнирана е зелената површина и целосно е уреден првиот сквер во согласност со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и дружење. Целиот простор е облагороден со разни видови листопадни и зимзелени садници. Во едниот дел од скверот е оформено детско катче со разни реквизити за игра, а во другиот дел се формирани патеки, поставени се клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и ново осветление.

Покрај редизајнот на зелената површина на оваа локација, годинава во тек е редизајн на уште 3 од овие локации, една кај Поликлиниката „Идадија“ во општина Центар и две на булеварот Јане Сандански во Аеродром.
„Денеска сме на првата од 7-те локации што ги реализиравме заедно со УНДП за уредување микросредини, процес што е инклузивен, процес во кој се вклучени сите структури на граѓани што гравитираат кон јавниот простор што го уредивме. Овде имавме релативно запуштен тревник, а сега можете да видите дека е адаптиран и е едно пристојно место, каде што имаме повеќе од 36 нови садници од шест вида. Во процесот на уредување беа вклучени и локалните жители, станува збор за население со претежно мали дечиња, меѓутоа беа вклучени сите возрасни групи во анкетите и овој простор е всушност адаптиран преку ‘Скопје лаб’ и УНДП на потребите и желбите на граѓаните“, рече Шилегов.

Инклузивноста во овој процес подразбира директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации одделно. Вклучени беа разни возрасни групи граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн-прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните што живеат на локациите, гравитираат или поминуваат тука.
Дополнително, мапирани се дневните и ноќните активности и програмата, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макрооколина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст. Како резултат од процесот „Скопје лаб“ изработи 7 концепт-дизајни за 7 локации, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Град Скопје и од општините.
На промоцијата на новиот зелен сквер во Карпош 2 присуствуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

