Македонија
Нуредини најави засилени капацитети за контрола и казнување на загадувачите

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, најави засилени капацитети за контрола и казнување на загадувачите. Тој најави и интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, а што истовремено ќе има ефект и на намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот.
„Веќе работиме на интеграција на енергетските и климатските политики, како и долгорочната стратегија за климатска акција, што значи интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, а што истовремено ќе има ефект и на намалувањето на емисиите на загадувачките супстанции во воздухот. Во таа насока ги повикувам инспекциските служби од сите области и во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид загадување. Ќе се заложам за подобра координација и кооперација на овие служби“, изјави Нуредини.
Тој најави и зголемување на бројот на мерни станици за загадувањето на воздухот и кажа дека се подготвува теренот и се очекува пристигнувањето на нова мерна станица во Гевгелија.
„За подобар пристап на граѓаните до овие податоци, ќе изработиме нов лесен и транспарентен софтер за употреба. Во нашиот информативен систем веќе може да биде видена тридневна прогноза за поволни временски услови за загадување, а тој ќе го поврземе и со постојниот систем за рана најава на УХМР“, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: Бујар Османи е пример за неефикасно и незаконско работење

„Во својата политичка кариера, Бујар Османи секогаш се грижел само за својата функција и личен напредок, но никогаш за интересот на граѓаните. Тоа не го тврдиме само ние, тоа го потврдуваат и официјалните институции на државата. Државниот завод за ревизија има изготвено повеќе негативни извештаи за неговото работење, меѓу кои и извештајот за времето кога беше министер за здравство (2008–2011)“, велат од „Влен“.
„Во 2010 година, Државниот завод за ревизија објави извештај за Министерството за здравство за 2009 година, за период во кој Османи беше министер. Извештајот констатира:
Незаконско користење на службени возила – без налози, без месечни извештаи, без збирен извештај за километража; исплатени 4,58 милиони денари за деривати без верификација и усогласување на фактурите.
Сервисирање на возилата без докази – исплатени 1,4 милиони денари за сервисирање без записници за квалитативен прием.
Незаконски вработувања преку агенции – ангажирање лица на проекти без да е предвидено со Правилникот за систематизација на работните места.
Сомнителни додатоци за членовите на Комисијата за јавни набавки – исплатени 410 илјади денари за наводен ангажман надвор од работно време, без докази за истиот.
Овој извештај е доказ дека Бујар Османи не само што не оставил трага на развој и подобрување на здравствениот систем, туку напротив – неговото раководење било пример за расипничко и незаконско трошење на јавните пари.
Денес, истиот тој човек кој добивал негативни извештаи од државните ревизори, бара доверба од граѓаните на Чаир за да го продолжи своето незаконско работење и на локално ниво. Граѓаните имаат право да знаат дека ваквите незаконски трошења се мерени со милиони потрошени без контрола, без одговорност и без законска основа. Чаир не е општини која треба да биде засолниште за незаконска работа на Бујар Османи додека неговата ДУИ е опозиција“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
Нов топлотен бран во наредните денови, се очекуваат температури до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот седмицата времето ќе биде сончево и многу топло со појава на локална облачност преку денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да достигне и 40°C.
Македонија
Дел од Карпош без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач (шибер) од ф 200 мм на булеварот Партизански Одреди бб (до поликлиника Букурешт), со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од булеварот Партизански Одреди, на потегот од поликлиника Букурешт до бензинска пумпа ОКТА, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.