Македонија
Обвинение против Рашковски и шест други лица, со нелегално стекнатите пари си ги исплатил кредитите
По неколкумесечна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, денеска поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, сопственикот на фирмата која ги продавала спорните софтвери и ангажирани во Владата, односно вкупно против седум лица.
Како што информираат од Обвинителството, првообвинетиот се товари дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, второ и трето обвинетите се товарат за помагање во извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба, додека останатите лица се обвинети дека помагајќи исто така ги злоупотребиле своите овластувања.
„Во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, во Генералниот секретаријат на Владата, првообвинетиот, како службено лице, со умисла помогнат од второ и трето обвинетите, надворешни соработници, извршиле повеќе временски поврзани нелегални дејствија. Првообвинетиот не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот за биометриска идентификација и системот за автоматско препознавање на регистарски таблички. Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор.
Првообвинетиот, јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност при користење на јавните средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење електронски средства, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137 денари“, се наведува во соопштението.
Воедно, првообвинетиот (Рашковски), како службено лице, го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.
Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите согласно договорот што го имале со генералниот секретар на Владата за поделба на паричните средства, подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на државниот буџет во вкупен износ од 1.320.000 денари.
Во временскиот период од 5 јуни 2017 година до 5 мај годинава, во Скопје, Рашковски, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на средствата во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.
Ценејќи дека околностите врз основа на кои на првообвинетиот и четвртообвинетиот им е определен куќен притвор се непроменети, предметниот обвинител доставил и посебен предлог за продолжување на куќниот притвор.
Исто така, со обвинителен акт е предложено да биде определена привремена мерка за обезбедување на имотно-правно барање на износ од 5.050.000 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18.794.137 денари што настанала поради извршување на кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

