Македонија
Обвинение против четири лица инволвирани во изведбата на проектот за фасада и илуминација на зградата на Владата

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице и обвинителен предлог против четири лица.
Обвинителниот акт се темели на докази од кои произлегува дека обвинетиот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело со дејствијата што ги преземал во период од февруари до април 2013 година, свесно ги повредувајќи ги прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка сторил кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Имено тој, склучил договори за заеднички настап со три правни лица со цел да бидат искористени ресурсите на членовите на групата при оценување на економско финансиската состојба на понудувачот, иако немал намера истите да ги ангажира при реализацијата на договорот и изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата на Република Македонија. Воедно, во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил два подизведувачки договори со други две правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка. По склучување на договорот за јавна набавка, обвинетиот не постапил по договорите за заеднички настап, според кои правните лица како членови на група економски оператори ставајќи ги на располагање своите техничко-технолошка опрема, кадар и финасиско-економски ресурси, требало да изведуваат дел од работите доколку бидат доделени на правното лице чиј управител е обвинетиот. Со преземените дејствија обвинетиот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 470.018.103,00 денари.
Заедно со обвинителниот акт е доставен и обвинителен предлог со кој освен погореобвинетиот се опфатени уште три лица кои сториле по едно продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Во периодот од месец мај 2013 до крајот на октомври 2016 година, обвинетите – директор на владина служба, управител на правно лице задолжено за стручен надзор над работењето на фасадата и илуминација на објектот на ВРМ и главен надзорен инженер, со умисла поттикнати од првообвинетиот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги – изведувач на проектот, со намера нанеле значителна имотна штета на средствата на буџетот на Република Македонија во износ од 184.015.304,00 денари.
Така, подизведувачот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, иако не поседувал лиценца за изведувач на градби од прва категорија, бил ангажиран и притоа не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор, па извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект. Второобвинетиот, со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него, со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени. Трето- и четвртообвинетите како одговорни лица за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, не ги извршувале своите посебни овластувања и должности, не вршеле проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата и не ставале забелешки во градежните дневници во однос на материјалот од кој биле изработени фасадните елементи, со што му овозможиле на друштвото изведувач преку ангажираниот подизведувач да изведе и да вгради елементи изработени од материјал што не ги поседувал потребните карактеристики и не бил еквивалентен на материјалот предвиден во основниот проект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.