Македонија
Обвинителството за организиран криминал отвори предмет за софтверот на Рашковски

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за определување просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни.
Станува збор за софтверот кој за потребите на МВР го набавил Генералниот секретаријат на Владата, во времето на Драги Рашковски, а кој не е во употреба иако бил платен 81.000 евра.
„Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот од страна на Генералниот секретаријат на Владата, обвинителството отвори предистражна постапка, при што предметниот обвинител издаде повеќе наредби за прибирање на потребната документација“, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Во него се додава и дека МВР до обвинителството доставило известување во врска со нивното постапување во случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Љутков: Разловечкото востание е темелот на нашата држава, историја што не смееме да ја заборавиме

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска беа во работна посета на Делчево, а по повод одбележувањето на 149 години од Разловечкото востание го посетија и Спомен домот во Разловци.
„Разловечкото востание е темел на македонската револуционерна борба, историја што не смееме да ја заборавиме, ниту да ја занемариме. Во чест на сите оние што организирано се кренаа на оружје против османлиската власт, Спомен-домот на Разловечкото востание е жива врска со корените на македонската борба за слобода и национална самобитност. Во минатото, за жал, Спомен-домот беше оставен на забот на времето. Но тоа време заврши и ние решивме да го вратиме неговиот сјај “, рече Љутков.
Го презентираше проектот на Министерството за култура и туризам за „Целосната реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание и нова музејска поставка“ во износ од 21 милион денари.
„Во 2025 година, Спомен-домот на Разловечкото востание е прогласен за значајно културно наследство. Во пресрет на одбележувањето на 150-годишнината од Востанието, следната година почнуваме со целосна обнова на објектот и со поставување современа музејска поставка за што издвоивме 21 милион денари. Секој дел од поставката и секој експонат ќе биде дизајниран да ја раскажува вистината за Востанието, за храброста, жртвата и значењето на македонскиот отпор“, рече Љутков.
Тој додаде дека Националниот конзерваторски центар веќе го подготви проектот за обнова на објектот, а работната група ја заврши и програмата за новата музејска поставка. Во моментов проектот е на стручна контрола во Управата за заштита на културното наследство и во најскоро време се очекува да завршат административните постапки за добивање конзерваторско одобрение, по што веднаш ќе биде објавена јавна набавка и ќе започне реализацијата.
„Хероите како Димитар Поп Георгиев Беровски и поп Стојан не вложиле сè што имале, и имот и живот, за ние денес да заборавиме. Тие го направиле тоа за ние да паметиме, да учиме и да градиме држава која отсекогаш знаела да ги препознае вредностите на македонската историја. Затоа денес, ние сме тука за да се поклониме, но и да покажеме дека нивната жртва не била залудна“, рече Љутков.
Македонија
Мицкоски: Николоски е овластен да го потпише стратешкиот договор, ќе се реконструира и модернизира железничкиот транспорт

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува проектот за градба на железница кој ќе произлезе од парите кои ќе се добијат како резултат од Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и кога ќе се потпише договорот за инвестиции, изјави:
„На денешната седница на Владата, којашто е во тек, ќе биде овластен потпретседателот на Влада и министер за транспорт да замине во Лондон, да го потпише договорот оваа недела. Мислам дека утре или задутре, среда или четврток ќе биде и официјално потпишан и на тој начин ќе отпочне проектот за реализација на економскиот дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Имаме на располагање 5 милијарди фунти, околу 6 милијарди евра за проекти коишто се стратешки, јас би рекол трансформациони за државата“.
Пругата како што потстеи е дел од Коридорот 10 којшто ги поврзува Табановце со Гевгелија.
Тој проект, според Мицкоски, опфаќа целосна модернизација, реконструкција и изградба на уште еден паралелен колосек.
„Практично ќе имаме два колосека сега, со што карго транспортот ќе се случува со просечна брзина поголема од 110 километри на час. Денеска буквално, композициите за карго транспортот лазат кога се движат по Коридорот 10, на некои места и по 5-10 километри на час, се вози. Во просек таа брзина е негде околу 25 километри на час, а патничкиот ќе биде околу 160 километри на час, така што ќе има за неколку пати поголема и побрза размена на карго транспортот и на патници.
Истовремено го завршуваме проектот за Клиничкиот центар во Штип, со што овој дел од државата ќе добие вистински современа и модерна здравствена нега, вклучително и Медицински факултет и студентски дом со две стотини легла. Истовремено, како додаток на тоа, ќе ја градиме Болницата, за којашто веќе постигнавме согласност, во Кичево и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово“.
Ова, нагласи Мицкоски е само почеток, а потоа следен чекор се и други проекти во делот на енергетиката, транспортот, во здравството, и ова како што појасни се капитални инвестиции.
„И сеуште не можам да се изначудам на некои коментари коишто доаѓаат од опозицијата, а најмногу се чудев, кога вчера, коментарот беше од таму, дека се задолжуваме за капитални инвестиции.
Јас навистина не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека, не одат добро и мислам дека на Македонија и е потреба квалитетна опозиција, конструктивна, којашто тоа што го артикулира како порака, практично ќе додава вредност, а не да делува, би рекол, на моменти и смешно.“
Македонија
(Видео) Костовски: Синдикалната кошница поскапа за 1.217 денари, дебакл на политиките на власта

Секој месец граѓаните добиват нов ценовен шок. За една година се случи целосен дебакл на економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Податоците на Сојузот на синдикати се поразителни: за само еден месец, синдикалната кошничка поскапела за над 1.200 денари. За 954 денари се зголемени трошоците за храна и пијалоци, вели Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
За едно четиричлено семејство, како што наведе, потребни се речиси 63.000 денари месечно само за да преживее.
„Основните намирници стануваат луксуз а платите не мрдаат. Три минимални плати се потребни за да може да се преживее месецот.
Животот е сѐ поскап, платите стојат, а мерки од владата нема.
Додека премиерот Мицкоски ги чека анализите и не знае колку се покачени цените, граѓаните тонат во сиомаштија.
Се живее се потешко, се преживува со задолжувања и жртвувања.
Дали министрите во Владата знааат колку чини да се наполни еден фрижидер? Очигледно не – затоа што додека народот крпи крај со крај фунционерите на ВМРО-ДМНЕ живеат надвор од реалноста, во свет на папаја, манго, октоподи.
Како да не било доволно, во април и мај, СОЗР склучила милионски договор за нови луксузни јадења, за лигњи, школки, лосос“.
Ова што го прави Владата, оценува тој, не е политика, туку грабеж на народот.
Повика власта веднаш да ги прифати предлозите за зголемување на платите и мерките за намалување на цените:
„Да се покачи минималната плата на 500 евра. Да се спроведат мерки за повисоки плати за јавниот и приватниот сектор. Да се укине ДДВ за храна со што веднаш ќе се намалат цените на основните производи“.
Не може, додава Костовски, народот да гладува додека министрите се гоштеваат на сметка на државата.
Подвлече дека СДСМ е со граѓаните, и ќе продолжат да се борат за поголеми плати и за достоинствен живот.