Македонија
Обвинителството со детали за возачот што ја усмрти Фросина: бил гонет и за други кривични дела, судот го упатил во поправен дом
Обвинителството соопшти детали за возачот од Скопје што ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на „Партизански одреди“.
„МВР против лицето поднело кривична пријава на 30.3.2024 година по член 215 од Кривичниот законик (Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори). Уште истиот ден јавен обвинител донел наредба за поведување истражна постапка против осомничениот и предлог за притвор за што Обвинителството тогаш веднаш ја извести јавноста.
Осомничениот станал достапен на органите на прогонот од 2.4.2024 година и веднаш почнал да ја издржува мерката притвор.
Истрагата е завршена за помалку од 2 месеца и на 21.5.2024 година јавниот обвинител поднесе обвинителен акт, при што побарал и продолжување на мерката притвор. И тој предлог е прифатен и на лицето му е продолжен притворот сѐ до 31.7.2024 година кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение, со кое го огласи за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом во согласност со Законот за правда на децата, при што ја укина притворската мерка.
На 30.9.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот сѐ уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна, туку воспитна мерка.
Против ова лице до Обвинителството е поднесена само уште една пријава на 1.2.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода на 4.11.2022 година, во која едно лице добило полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел решение со кое не се презема кривично гонење во согласност со чл. 43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на буџетот на РСМ.
Освен ова, МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во Јавното обвинителство“, се додава во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

