Македонија
Обвинителството: Антикорупциската да се држи до своите надлежности и да не нанесува штета на постапките во тек

Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.
Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои Обвинителството веќе постапува, велат од таму.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.
„Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази, и надлежниот јавен обвинител е пред донесување јавнообвинителска одлука.
Како еден аспект од целиот предмет, нагласуваме дека надлежниот јавен обвинител во согласност со сите обезбедени докази и направени проверки веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст. Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе им е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители што постапувале во предметот“, велат од Обвинителството.
Од излагањето на седницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, пак, очигледно е дека комисијата при анализа на предметот немала пред себе многубројни докази, ниту увид во комплетната фактичка состојба, која јавниот обвинител детаљно ќе ја образложи при носењето на одлуката и ќе ја поткрепи со соодветен доказен материјал. Заклучоците на комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривичната постапка, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата“, велат од Обвинителството.
„Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и свесно да се компромитира, неразбирливо и крајно неодговорно е комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот.
Особено е неодговорно од една институција како ДКСК врз вака нецелосно обработени и неточни факти да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува шеми на наводно организирано дејствување бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата.
Апелираме Државната комисија за спречување на корупцијата да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките што се во тек. Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките.
И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата.
Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум“, се додава во соопштението на Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.