Македонија
Обезбедувачот на Гаши репетирал пиштол, турнал полицаец, викал и се заканувал – поднесена кривична пријава
Полицијата до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С. С., началник на одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради загрозување на сигурноста.
„Пријавениот С. С., на 1 август, околу 10.30 часот, на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’, на паркингот пред ВИП-салонот пристигнал со возило со поставени ротациски светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од аеродромот, кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП-салонот му се обратил на висок тон, го турнал назад со двете раце и заканувајќи му се, го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на своите службени дејства“, велат од МВР.
Се додава дека тој бил испратен на Меѓународниот аеродром „Скопје“ од страна на претседателот на Собранието со цел надминување на недоразбирањето што настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.
Потоа заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување личности влегол во ВИП-салонот и движејќи се во просториите во кои немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ – Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти, почнал да им се заканува за животот, воедно барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.
ОВККИПС, во согласност со своите надлежности и овластувања, ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С. С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С. Р. и Н. Б. ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплината поради извршување незаконита наредба, несовесно извршување на работните задачи и рушење на угледот на полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

