Македонија
Објавени годишните програми на Министерството за животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во службен весник број 29 од 11 февруари и број 30 од 12 февруари 2025г. се објавени годишните програми: Програма за инвестирање во животната средина за 2025 година, Програма за управување со водите за 2025 година, Програма за заштита на природата за 2025 година и Годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад за 2025 година, кои што на предлог на МЖСПП, Владата на Република Северна Македонија ги донесе на 47ма седница на Влада.
Со ПРОГРАМА ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ЗА 2025 ГОДИНА се утврдува намената и се доделуваат средства за финансирање, кофинансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2025 година. Средствата за реализирање на оваа програма се обезбедуваат од надоместоците утврдени во членот 162 од Законот за животната средина и се предвидени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година во вкупен износ од 871.128.000,00 денари.
Средствата се намнети за следни активности: Поддршка на мерки и активности за спроведување на обуки за заштита и унапредување на животната средина, Поддршка на мерки и активности за управување и заштита на водите во Република Северна Македонија, Поддршка на мерки и активности за заштита на квалитетот на воздухот, Поддршка на мерки и активности за третман на отпадни води и Поддршка на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина
Со ПРОГРАМА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ВОДИТЕ ЗА 2025 ГОДИНА се утврдуваат средствата за извршување на работите согласно член 212 од Законот за водите и тоа за: управување и развој на водните ресурси и надоместување на трошоците за работење на органите на државната управа и органите и организациите кои имаат соодветни надлежности во управувањето со води, изградба на нови и одржување и унапредување на постојните јавни водоснабдителни објекти, изградба на нови и одржување и унапредување на постојните хидросистеми и хидромелиоративни системи, одржување и заштита на природните езера, одржување на водотеци, изградба и одржување на објекти за регулација на водотеци, заштита од штетните дејства на водите (ерозија и порои) вон населени места, подготовка на планови за одбрана од поплави и замрзнување, планови за заштита од ерозија и порои, подготовка на соодветни планови за заштита од други штетни дејствија на водите вон населените места, контрола на состојбите и собирање и обработка на податоците за резерви на вода и нивно рационално користење, хидрогеолошки и други истражувања, подготвување и организирање на спроведувањето на програмата за мерки за заштита на водите од загадување, мониторинг и утврдување на состојбата со квантитетот и квалитетот на водите и мониторинг на безбедноста на водата за консумирање од страна на човекот, воспоставување и одржување на заштитни зони и изградба на одржување на објекти за заштита на водите од загадување.
За реализација на оваа програма од Буџетот Република Северна Македонија за 2025 година се обезбедени средства во висина од 31.735.000,00 денари.
Со ПРОГРАМА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА ЗА 2025 ГОДИНА се утврдуваат активностите кои ќе се рeализираат во 2025 година заради унапредување на заштитата на природата во Република Северна Македонија преку имплементација на целите опредeлени во Националната стратегија за заштита на природата со Акциoнен план (2017-2027). Средствата од оваа програма со вкупен износ од 77.510.000 денари ќе се обезбедат од буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година и од донаторски средства од тековен повеќегодишен проект „Поддршка за пристапување на Северна Македонија во ЕУ во областа на животната средина – Фаза 2“ на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Шведската агенција за животна средина во износ од 30.750.000 денари.
Со ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА УПРАВУВАЊЕТО СО ПОСЕБНИ ТЕКОВИ НА ОТПАД ЗА 2025 ГОДИНА се утврдува намената и се доделувааат средства за финансирање на активности за постигнување на националните цели за посебните текови на отпад за 2025 година. Средствата за реализирање на оваа програма во вкупен износ од 131 милион денари се утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клиниката за урологија во Скопје почна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер

Универзитетската клиника за урологија во Скопје, започна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, која досега се спроведуваше само во странските и приватните медицински центри.
Интервенциите бea изведени од виш научен соработник д-р Огнен Ивановски. Првите две интервенции се изведоа под менторство на професор д-р Сергеи Владиславович Котов од Клиниката за урологија Пирогов во Москва, Русија. Досега, изведени се вкупно 10 вакви интервенции, што ја вбројува Универзитетската клиника за урологија помеѓу ретките центри, кои се лиценцирани за изведување на овој тип нови процедури.
Во изминатава година, во однос на земјите од регионот, во Македонија се вградени најголем број уринарни сфинктери на пациенти кај кои е неопходна ваква интервенција. Операцијата на вградување сфинктер е целосно покриена од Фондот за здравствено осигурување на Р.С. Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство.
Неконтролираното истекување на урина од мочниот меур (уринарна инконтиненција) најчесто се јавува после оперативно вадење на простатата поради карцином. Неволното истекување на урината најчесто се јавува при стоење или одење, а се интензивира при активности како кревање терет, смеење, кашлање или кивање. Оваа состојба во голема мера го нарушува квалитетот на живот на пациентот и претставува сериозен социјален и хигиенски проблем.
„Повеќе од 10 месеци посветени сме на оваа нова процедура. Горди сме што можеме да понудиме решение на проблем за кој претходно пациентите беа принудени да патуваат во странство. Вградувањето на вештачкиот уринарен сфинктер е златен стандард за решавање на уринарната инконтиненција, особено кај пациенти по операција на простата. Оваа интервенција значително ја подобрува контролата на урината кај пациентите, за кои ова е комплетно решение“, вели д-р Ивановски, виш научен соработник на Универзитетската клиника за урологија во Скопје.
По стекнувањето на соодветна експертиза во странски центри, како што е работа на 3D испечатени модели на мала карлица во Турција, курсеви на кадавер, како и клинички стаж во Левен, Белгија, д-р Ивановски за првпат самостојно изведе операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер кај 10 македонски пациенти.
„Со воведувањето на оваа процедура, Универзитетската клиника за урологија, не само што ја проширува понудата на здравствени услуги во јавниот сектор, туку и го подобрува животот на пациентите, кои досега немале можност за третман на уринарната инконтиненција во рамките на земјава“, изјави директорот на Универзитетската клиника за урологија, д-р Башким Шабани.
Карциномот на простата е најчесто дијагностицирана малигна болест кај мажите над 50-годишна возраст. Се проценува дека 1,4 милиони мажи годишно го добиваат овој карцином, а 375.000 од нив умираат како директна последица од болеста.
Македонија
Обвинение за загрозување на сигурноста на судија во Гостивар: обвинетиот влегол во дворот на куќата на судијата и му се заканувал

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
На 29 април, во селото Вруток, обвинетиот се заканил дека ќе нападне врз животот или телото на службено лице – судија во Основниот суд во Гостивар. Заканите биле упатени во врска со вршењето на професионалните задачи кои судијата ги преземал во рамките на своите овластувања.
Обвинетиот влегол во дворот на семејната куќа на судијата, го прашал дали го познава и директно почнал да му се заканува, споменувајќи поврзаност со наводна судска постапка. По упатените закани на висок тон си заминал.
Со обвинителниот предлог, надлежниот јавен обвинител достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
Македонија
Приведен жител на Кочани, возел под дејство на алкохол

Жител на Кочани е уапсен затоа што управувал возило под дејство на алкохол.
Според информациите на МВР, синоќа 01.10 часот во Кочани, полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишија од слобода Г.А.(53) од Кочани. При сообраќајна контрола на ул.„Димитар Влахов“ е сопрено патничко возило „фолксваген“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал, и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,86 промили алкохол во крвта.
Тој е исклучен од сообраќај и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.