Македонија
Објавеното видео е монтирано и не е со закани што се однесуваат на референдумот, тврди градоначалникот на Демир Хисар
Во врска со аферата со прислушувањето и заканите, со писмо испратено до медиумите се огласи Марјанче Стојановски, градоначалникот на Демир Хисар.
Тој вели дека видеото што се појави на повеќе интернет-портали, како и телевизиски и радиоканали, е монтирано и тврди дека тоа нема никаква врска со упатување закани кон граѓаните на Демир Хисар за претстојниот референдум.
„Периодот во кој е снимено видеото е 22 јануари годинава – првиот училиштен ден од почетокот на второто полугодие во ООУ ‘Гоце Делчев’ во Демир Хисар и нема апсолутно никаква врска со упатување закани кон граѓаните за претстојниот референдум“, се наведува во писмото на Стојановски.
Градоначалникот на Демир Хисар вели дека во просториите на училиштето „Гоце Делчев“ присуствувал по претходно барање на група од триесетина родители што одржувале средба поради протест на две незадоволни наставнички од прераспоредувањето на работното место.
„Претходно, некои од родителите ми се јавуваа и ме известуваа за тој протест и за незадоволството на двете наставнички, како оделе од куќа на куќа и ги убедувале другите што имаа можност за лобирањето при носењето на одлуката за нивното прераспоредување. Притоа, во овој контекст, сакам да ве информирам дека изречените зборови од моја страна во тоа монтирано видео се однесуваат токму на тие разговори, односно комуникации и контакти што ги имав со родителите, а не некакво прислушување, закани, уцени и слично. Исто така, ве информирам дека за таа средба и протест известено беше Министерството за образование и наука“, објаснува Стојановски.
Според него, станува збор за монтирано видео бидејќи, како што вели, не е во целост дистрибуирано и прикажано, а зборовите се извадени од контекст, со што се добива целосно погрешна претстава за она што го зборува и во писмото бара од сите пишани, електронски, аудио и видеомедиуми да објават демант.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ
Милионските криминали во Државна лотарија кои што ги направија Прпарим Бајрами и Артан Груби, а беа одобрени од СДС денес излегуваат на виделина, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овие криминали што денес извештајот на Државниот завод за ревизија ги утврди, како што појаснуваат, се случувале токму во времето на СДС и ДУИ.
„Бегалецот Прпарим Бајрами партнерот во криминал на бегалецот Артан Груби ја злоупотребил службената положба во износ од близу 2 милиони евра, пари на граѓаните, се додека СДС и Филипче молчеа и им го овозможуваа овој криминал.
На сите ни е јасно за каков криминален круг станува збор и зошто Бајрами и Груби се во бегство и зошто толку ги заштитуваше судството и обвинителството бирано од Зајас и Муртино“.
Според ВМРО-ДПМНЕ сега кога веќе Коцевски не е државен јавен обвинител и нема кој да ги заштити, СДС во страв и паника, додаваат од партијата на власт, отвораат теми како мигранти, шират лажни вести, хистерија и паника меѓу граѓаните.
„Воедно го повикуваме т.н “антикорупцискиот тим“ на СДС да го истражи и овој коруптивен случај, наместо да молчи пред фактите“.
Македонија
СДСМ: Резолуцијата не беше предадена во Собранието затоа што ДПМНЕ не сакаше да прифати да се разговара, тие се закануваа со тужби
Резолуцијата на СДСМ не беше предадена во Собранието затоа што ДПМНЕ не сакаше да прифати ниту да се разговара, ниту да се поднесе.
Наместо да разговараме тие се закануваа со тужби, велат од СДСМ.
„Не сакаа да се отвори дискусија во македонското Собрание, меѓу претставниците на народот – пратениците на кои граѓаните им дале мандат да ги застапуваат пред највисокиот орган на државата.
Наместо тоа, прво предложија темата да се префрли на општините, кои немаат никаква надлежност за вакво национално прашање. Не сакаа јавна расправа затоа што немаат аргументи против вистината.
Од самиот почеток бевме транспарентни и конструктивни“.
Граѓаните, додаваат од опозициската партија, ја видоа нашата Резолуција, јавно ја објавивме и со денови повикувавме заеднички да ја поднесеме и да ја потпишеме.
„Токму тоа им пречеше. Нашиот последен обид беше денес во Собранието.
Не ни дозволија да зборуваме за нашата предлог-Резолуција, премиерот и министрите побегнаа од пратеничките прашања, побеганаа од вистината и од дебата за Резолуцијата.
Поради тоа, во знак на протест, нашите пратеници ја напуштија седницата. Нема да учествуваме во предавството.
СДСМ нема да им биде прекривка за најголемото предавство на Македонија, пари за мигранти.
Нека си ја потпишат предавничката политика сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ – за пари.
Со денови зборуваме за ова. Цел ден дефокус со вести, што јасно го покажавме преку нашата акција „Разоткривање“. Прават сè само за да ја сокријат вистината.
А вистината е следна: не сакаат да ја потпишат Резолуцијата, сакаат своја контра-резолуција. На граѓаните сега им е кристално јасно зошто“.
Имаме избори, истакнуваат од СДСМ и како што велат, имаме мигранти за пари.
„Почитувани граѓани, сите сите вие сега сте сведоци на предавството на Македонија, мигранти за пари.
Заедо ќе се бориме“.

