Македонија
Објавен предизвик за млади истражувачи во областа на животната средина и биодиверзитетот
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, денес го објавија јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти“, чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.
Предизвикот се спроведува четврти пат и е дел од концептот што го развива ФИТР – „Фонд за млади умови”.
„Учениците основци и средношколци, студентите, младите истражувачи и научници сега се навистина во фокусот на институционалните заложби и тоа е видливо токму преку обезбедувањето повеќе финансиски средства и многубројни можности какви што порано не биле достапни“, рече Царовска информирајќи дека досега преку трите објавени повици биле поддржани 90 училишни проекти, во кои учествувале повеќе од 500 ученици и наставници од целата држава.
Таа очекува и оваа година да има голем интерес за учество на повикот затоа што, како што рече, познавајќи ја креативноста на младите умови во нашите училишта и желбата да придонесат за нивната средина да биде подобро место за живеење во иднина, убедена е дека ќе пристигнат голем број иновативни проекти.
Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, кои може да аплицираат со истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, организирани во тимови од пет до десет ученици предводени од еден до двајца ментори.
Процесот на истражување треба да се основа на научен метод, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.
Вкупниот фонд за овој предизвик изнесува 3.000.000 денари, а максималниот буџет за поединечен предлог-проект треба да изнесува до 200.000 денари. За наставниците што ќе ги водат ученичките тимови, ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, наменети за набавка на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
Предност ќе имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од разни возрасти и слично и се поднесени од училишта од рурални средини.
Предизвикот е отворен до 20.4.2021 година. Повеќе информации може да се добијат на интернат-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

