Македонија
Одбележан Светскиот ден на хемофилијата

Министерот за здравство, Венко Филипче, учествуваше на одбележувањето Светски ден на хемофилија за подигнување на свесноста за вродени нарушувања во системот за коагулација. Во рамки на настанот министерот ги презентираше континуираните напори на Министерството за здравство за препознавање и подобра дијагностика на пациентите со хемофилија. Според податоците добиени од регистарот од Центарот за хемофилија при Институтот за трансфузиона медицина, вкупно се регистрирани 320 пациенти со хемофилија и останати вродени нарушувања на системот на коагулација, од нив 46 се деца (22 со хемофилија А и 24 со хемофилија Б.
„Министерството за здравство, во соработка со Владата на Северна Македонија иницираше промени во законот за јавни набавки, со кои место цената, која досега беше единствен одлучувачки фактор во спроведување на јавните набавки, сега клучни критериуми за селекција се квалитетот и безбедноста на продуктите. Исто така, минатата година беше спроведен национален тендер за концентрати на фактори на коагулација. Во постапката беа вклучени клиничари во областа на хемофилијата и национални претставници на пациентите со хемофилија“, рече министерот Филипче.
Стратешка цел, како што посочи, е постепено воведување рекомбинантни фактори и профилакса со нова иновативна терапија, со што драстично би се намалил бројот на крвавења и компликации, како и долгорочен план за воведување генска терапија. Исто така, посебно значајна е изработката на 10-годишна национална стратегија за хемофилија и останати вродени нарушувања на системот за коагулација во Република Северна Македонија. Стратегијата има за цел да воспостави долгорочна стратегија за справување со оваа група нарушувања, низ рана дијагностика, редовна контрола, терапија на пациентите, превенција, како и третман при компликации.
„Со нејзина имплементација ќе го подобриме квалитетот на живот кај лицата со вродени нарушувања на системот за коагулација, а истовремено ќе го подигнеме нивото на ефикасност и финансиска исплатливост на здравствениот систем“, посочи министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.