Македонија
Одбраната на Камчев поднесе кривични пријави за судиите кои му одредија притвор
Одбраната на Орце Камчев поднесе кривични пријави против судиите кои му го продолжија притворот за уште 30 дена за предметот „Плацови на Водно“, а бара и изземање на обвинителката Лиле Стефанова.
„Пред Републичкиот Совет поднесовме претставка за несовесно и нестручно работење на судија на претходна постапка како и на судиите од Кривичен Совет кои одлучуваа и изрекоа мерка притвор и по втор пат, повторно без презентирање на докази. Денеска ја информираме јавноста дека за нивното работење поднесуваме и кривични пријави. Воедно поднесовме барање до ЈО за изземање на обвинителката Лиле Стефанова која првенствено нема ниту стварна ниту месна надлежност за случајот и е компромитирана како обвинител кој беше дел од СЈО кога се потврди случајот ‘Рекет’. За неа се поднесени кривични пријави од страна на Јордан Камчев во врска со нејзино незаконско постапување во предметот ‘Империја’, а невозможно е да остане незабележан личниот анимозитет и непрофесионален однос кон г-дин Јордан Камчев, кој во нејзините јавни излагања досега, се нема ни обидено да го прикрие“, се вели во писменото соопштение на адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски.

Дополнително на тоа, вели тој, уште еден доказ за пристрасно, незаконско, скандалозно и тендециозно судење е и тоа што во предлогот на обвинителката за продолжување на притворот навела десетици фирми во странство и оф-шор компании тврдејќи дека се во сопственост на Камчев што, како што велат адвокатите, е ноторна лага и за истото до судот се доставени докази.
Одбраната на Камчев вели дека е лага и тврдењето на Стефанова дека Камчев поседува стан во Бугарија.
„Сведоци сме дека лица осомничени за злоупотреба на стотици илјади евра државни пари им е изречена мерка домашен притвор, а на човек кој вработува над 3.000 лица и во буџетот на РСМ годишно исплаќа 18.500.000 милиони евра даноци, по основ на непрезентиран доказ, белешка од тајна служба, изготвена, по наши информации врз основа на усмен исказ на доушник, му се изрекуваат дополнителни 30 дена ефективен притвор“, вели Менкиноски.
Тој апелира до институциите да престане, како што велат, злоупотребата на тајните служби за местенки на граѓаните на оваа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

