Македонија
Одговорните за дивата изградба на џамија во Злокуќани не се појавиле на средба во Општина Карпош
Одговорните за дивата изградба на џамија во Злокуќани не дошле на средбата што била закажана за денеска во општина Карпош.
Како што информираат од општината, во саботата инспекциската служба на Општина Карпош излегла на терен. Во моментот кога е извршена контролата не се вршени градежни дејствија. Инспекторатот одредил 15 дена рок за доброволно отстранување на нелегалниот објект и ги повикал одговорните лица на средба во општината денеска во 9:30 часот, но истите не се појавиле.
„Во случај да не биде доброволно отстранет објектот во предвидениот рок, случајот ќе биде пријавен и во државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“, велат од Општина Карпош.
Објектот, кој е дивоградба, веќе функционира како џамија, каде се одржуваат верски обреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска, 06 февруари, започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јануари 2026 година.
Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
Нови простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
„Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и крвни продукти“, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
„Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување и веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата“, додаде Алиу.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

