Македонија
Од мај почнува реконструкцијата на Универзалната сала, идејното решение е донација од архитектот

Универзалната сала во Скопје ќе биде реконструирана во постојниот облик и габарит задржувајќи го својот автентичен изглед со цел и понатаму да служи во колективната меморија како симбол на солидарноста, изјави премиерот Зоран Заев на настанот по повод презентацијата на проектот за реконструкција на салата.
Премиерот Заев, заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, го најави почетокот на реконструкцијата со промоција на проектот изработен од архитектот Бујар Муча нагласувајќи дека градежните работи треба да почнат во мај.
„Универзалната сала, во времето кога е изградена, ја пренесе пораката до постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога почнуваме со нејзината обнова, салата повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро ‘Мегарон’ на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзалната сала како донација. Град Скопје ја прифати донацијата и откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи, се предвидува почеток на реконструкцијата на 1 мај“, изјави Заев.
Градоначалникот Шилегов искажа голема благодарност во Владата, која, како што посочи, одвоила 120 милиони денари средства од буџетот за реализација на овој проект.
„Универзална сала беше омилена културна институција на многу скопјани, а за многу деца тоа е местото на првиот концерт или културен настан, а за мене тоа е доволна причина и мотив повторно да ги отвориме нејзините врати за посетителите“, рече Шилегов.
Во согласност со проектантските насоки, Универзалната сала ќе ја задржи постојната форма со внатрешна реорганизација на просторот со нови современи материјали за фасада, а самиот објект ќе биде енергетски ефикасен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека на 28 и на 29.06.2025 година (сабота и недела) во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци, а на 30.06.2025 година (понеделник) ќе почне терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци.
Терестричната дезинсекција против возрасни форми на комарци на подрачјето на градот Скопје ќе се реализира од 30.06 (понеделник) до 03.07.2025 (четврток), во периодот од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, дезинсекција ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Усвоена Декларација за одбрана на професионалното новинарство на годишното собрание на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на 26 јуни 2025 година во Скопје го одржа своето редовно годишно неизборно собрание, на кое едногласно беше усвоена Декларација за одбрана на професионалното новинарство. Со оваа декларација, ЗНМ упати јавен апел до политичките чинители, институциите и јавноста за почитување на слободата на медиумите и улогата на новинарите.
Во документот се повикува на воздржаност од навреди, дисквалификации и напади врз новинарите, се бара обезбедување на услови за нивно непречено и безбедно работење, а се потсетува и дека секој притисок врз медиумите претставува закана за демократските процеси. Особено внимание е посветено на претстојните локални избори, при што ЗНМ апелира јавноста да ја препознае важноста на независното новинарство во време на зголемена политичка чувствителност.
Собранието претставуваше можност за критичка евалуација на реализираните активности и зацртување на приоритетите за наредниот период. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето обраќање истакна:
„Наш приоритет отсекогаш бил и останува подобрување на условите за работа на новинарите, обезбедување законска и институционална заштита, унапредување на транспарентноста на јавните политики и поддршка на независното новинарство. Ова се наши заеднички предизвици кои бараат заедничка посветеност, упорност и меѓусебна доверба. Ви благодарам за довербата и ве повикувам и понатаму заедно да се бориме за достоинствено и слободно новинарство.“
Во рамките на работниот дел од собранието беа презентирани и извештаите за работата на телата на ЗНМ во 2024 година. Присутните членови изразија поддршка за натамошно засилување на активностите на Здружението, особено во контекст на зголемените притисоци и ризици со кои се соочува новинарската фела.
ЗНМ во изминатата година спроведе над 30 обуки и настани во Скопје и регионалните центри, со повеќе од 450 учесници. Темите опфатија истражувачко новинарство, етика, дигитална безбедност и вештачка интелигенција во медиумите. Со „ТАЈМ Академијата“ и летниот камп за млади новинари, се обезбеди континуирана поддршка и мотивација за новата генерација медиумски работници.
Во 2024 година беа пријавени 4 физички напади врз новинари, а ЗНМ обезбеди бесплатна правна помош во 66 случаи и психолошка поддршка во 11 случаи.
Беше презентиран и Годишниот извештај за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, како и Индексот за безбедност за 2024 година, подготвени во рамки на регионалната мрежа SafeJournalists. Извештајот укажува на умерен напредок, но нотира и постојани предизвици – како што се бавните судски процеси, економската несигурност, автоцензурата и порастот на онлајн закани и SLAPP тужби.
На собранието беа презентирани и резултатите од проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите“, поддржан од Европската Унија. Беа истакнати стратешките приоритети на ЗНМ – солидарноста меѓу новинарите, поддршката за младите, развој на тематски секции и подобрување на правната и медиумската средина преку застапување и кампањи.
Членовите активно се вклучија во дискусијата со конкретни предлози за натамошно подобрување на состојбата во медиумскиот сектор и улогата на новинарите во заштита на јавниот интерес.
Македонија
Oписни оценки само во електронскиот дневник, Јаневска вели ги ослободиле наставниците од административни обврски, за да се посветаат на суштината

Во време на забрзана дигитализација на образованието и воопшто на општеството, нема потреба наставниците да пополнуваат едни исти податоци на две различни места. Донесовме одлука отсега да не внесуваат описни оценки во главната книга, со оглед дека еднаш тие податоци се наведени во електронскиот дневник и одлуката е поздравена од 24 илјади наставници, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Административното работење ќе се одвива во дигитална форма и тоа е голем чекор во образовниот систем и во работeњето на наставниците, кои всушност тоа и го чекаа од нас како нова владина гарнитура. Ова можело да се сработи и досега, да се овозможи податоците електронски да се преземаат од е-дневникот, но не било сработено од претходните министри“, рече Јаневска.
На прашањето зошто се менуваат правилниците за ангажирање на образовни асистенти, посочи дека во државата постои недостиг на ваков кадар и затоа се проширува нормативот со звања со кои стручни лица можат да се пријавуваат на конкурсите.
„Со измените на правилниците, за образовен асистент може да аплицира лице кое стекнало звање специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, социолог, семејнолог, наставник по одделенска настава, односно лице кое ги исполнува условите за наставник во одделенска настава и наставник по предметна настава со завршено образование и со стекнати најмалку 240 кредити или завршено најмалку високо образование со траење од четири години“, информираше Јневска.
Напомена и дека сите образовни аситенти пред да се вклучат во обрзовниот процес на учениците со попреченост, ќе посетуваат обуки и курсеви, кои како што посочи, во минатото ги немаше