Македонија
Од недела сончево и многу топло време, на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури
Утре ќе дува умерен, по должината на Повардарието повремено засилен северен ветер, кој ќе придонесе температурите да бидат во границите на просечните.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ од недела времето ќе биде сончево и многу топло, особено в понеделник и вторник.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне 40°C и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди
Уставниот суд поведе постапка за Параграф 4 алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата на Република Македонија бр.02-295/1 од 16.07.2012 година. (Оспорена содржина: „Во воените објекти се забранува вршење на верски обреди”.)
Судот во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот акт не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот, односно на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, владеењето на правото, како и на членовите 3,8 и 20 од Законот за правна положба на црквата, верска заедница и религиозна група.
Според Уставниот суд, со донесувањето на ваква одредба началникот на Генералштабот на АРМ ги пречекорил своите законски овластувања и се ставил во улога на Законодавец, бидејќи таква содржина не може да биде уредена со подзаконски акт.
Уставниот суд по направената анализа оцени дека уредувањето на условите под кои може да се оствари правото на слободно вршење на верски обреди во рамки на вооружените сили претставува исклучиво „materia legis”, oдносно законска материја и во никој случај не може да се регулира со Правило.
Согласно ова, Уставниот суд цени дека оспорената одредба може да се доведе под сомнеж за неговата уставност и законитост.
Македонија
Гаши на средба со група нерезидентни амбасадори со седиште во Софија: разговарано за економската размена и искуствата на дел од земјите аспиранти за ЕУ
Претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со група нерезидентни амбасадори за нашата земја, со седиште во Софија, кои се во посета на Скопје.
На средбата присуствуваа нерезидентните амбасадори на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Пакистан и Куба, кои изразија поддршка за нашите институции и волја за продлабочување на односите и за јакнење на соработката со Република Северна Македонија, меѓу другото, и на ниво на парламенти.
Гаши, поздравувајќи ги амбасадорите, истакна дека Северна Македонија вложува многу во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не
само со земјите од регионот и со членките на Европската Унија, туку и пошироко.
Тој рече дека очекува почести средби во иднина и возвратни посети на билатерално ниво, како можност за динамизирање на соработката меѓу со овие држави со кои споделуваме многу заеднички вредности.
На средбата се разговараше за можностите за поголема економска размена, како и за размена на искуства со дел од земјите аспиранти за членство во ЕУ, како Грузија и Молдавија.
Во тој контекст, Гаши ги запозна амбасадорите со чекорите што ги презема Северна Македонија во насока на исполнување на стратешката цел за евроинтеграција.
Беа разменети мислења и околу можностите за продлабочување на парламентарната соработка на билатерално ниво, при што беше истакнато дека парламентите се местата каде што се продлабочува дијалогот, во интерес на граѓаните.
На средбата присуствуваа и пратеници од Собранието на РСМ, кои се претседатли на пратеничките групи за соработка кои ги покриваат овие земји.
Македонија
Работна средба на министерот за правда, Игор Филков, со директорот на УИС, Александар Пандов, и директорите на затворите во земјата
Во тренинг-центарот на КПУ „Идризово“, министерот за правда Игор Филков одржа работна средба со директорот на УИС, Александар Пандов, директорите и со заменик-директорите на сите затворски институции во државата.
Состанокот беше фокусиран на согледување на фактичката состојба и проблемите со кои се соочуваат затворските институции. Проблемите се детектираат, пред сѐ, во просторните услови на институциите, недостигот на вработени како од безбедносните служби така и во делот за ресоцијализација на осудениците. Предочен беше и проблемот со недостигот на финансиски средства за затворање на 2024 година, кој останува и покрај ребалансот на буџетот, недостигот на возила за спровод на обвинети лица и потребата од дигитализација на институциите.
Се дискутира и за извештајот на Комитетот за превенција на тортурата при Советот на Европа за 2023 година, при што беше укажано да се земат предвид нивните забелешки за надминување на недостатоците што се констатирани.
На средбата беше договорено да се интензивираат ваквите состаноци со цел да се изнајдат решенија за брзо надминување одредени проблеми користејќи меѓународна помош, но и јакнење на буџетот на УИС заради непречено функционирање на затворските институции, како и користење на пробацијата и другите алатки за условен отпуст на затворениците.
Министерот за правда Игор Филков ја искажа заложбата и посветеноста на Владата за надминување на сите проблеми и подигнување на капацитетите на затворските институции со цел подобрување на условите водејќи грижа за правата на затворениците и нивна ресоцијализација во општеството.