Македонија
Од утре задолжително користење на зимска опрема
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во периодот од утре до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски односно шумски работи.
Согласно Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг. се подразбира:
· зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;
· пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) се подразбира:
· зимски пневматици на сите четири тркала,со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
· пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира:
· зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.
· пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
· автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.
МВР апелира до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема бидејќи така овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

