Македонија
Опасност од зарази по поплавите – надлежните со упатства за граѓаните и одгледувачите на животни
Поради покачените водостои на реките по неколкудневните врнежи од дожд и опасноста од нивно излевање, но и заради излевањето на реките во неколку региони во земјава, со цел навремено преземање превентивни активности за намалување на ризиците од појава на заразни болести кои се пренесуваат преку храната или водата за пиење и за заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до населението да води сметка за безбеднсота на храната, водата за пиење и за здравствената состојба и благосостојбата на животните.
Преку медиумите да се следат информациите за временската прогноза, состојбата со водотеците во земјава, состојбата со водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење.
Доколку во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред се по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води.
Во домаќинствата кои се поплавени, храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, се препорачува ваквата храна да се фрли. Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот кое обично се користи свежо, дополнително да се измие, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.
Доколку во домаќинствата кои се поплавени има мали деца, се препорачува тие да се хранат со индустриски подготвена храна.
Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени и во случај на поплавување да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните. Основна обврска е тие на животните да им обезбедат соодветна храна, вода и засолниште на безбедна локација.
Доколку во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, животните треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал.
На безбедно, суво место, треба да се префрли и храната за животните, а потребно е за нив да се обезбеди и свежа вода. Одгледувачите на добиток треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа за животните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

