Македонија
Општина Аеродром донира милион денари за ракометарките на „Вардар“
На последната 47. седница Советот на Општина Аеродром донесе одлука за финансиска поддршка на женскиот ракометен клуб „Вардар“ од Скопје во износ од милион денари.
„Имајќи го предвид досегашниот успех на овој клуб за спортскиот живот, како и досега постигнатите резултати на домашен и на меѓународен план, сметаме дека ЖРК ‘Вардар’ придонесува за развој на масовниот спорт и рекреативните активности во нашата општина, како и за нејзина афирмација и во меѓународната јавност“, изјави градоначалникот Златко Марин.
Советот на Општина Аеродром исто така донесе одлука да се помогне Шаховскиот сојуз на Град Скопје со 200.000 денари за настани организирани за жителите на општина Аеродром.
„Општина Аеродром, освен на ова спортско здружение, финансиски им помага и на други спортски клубови и здруженија, особено кошаркарскиот клуб ‘МЗТ Скопје – Аеродром’, женскиот кошарка клуб на МЗТ и младинската школа на МЗТ, ракометниот клуб ‘Аеродром’, фудбалскиот клуб ‘Аеродром’, кикбокс-клубот ‘Гладијатор’. Со финансиската помош на спортските клубови, особено во време на пандемија кога спортските субјекти имаат тешки услови за работа и егзистирање, покажуваме грижа за спортскиот живот во општината“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадинова: Арсовска, и по неколку месеци, не одговара на иницијативите од општините доставени до Град Скопје
Советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Костадинова, во своето излагање на седница на Советот на Град Скопје ѝ се обрати на градоначалничката Данела Арсовска укажувајќи дека за спроведување на иницијативите поднесени од општините се чека и неколку месеци.
„Јас барав прашање и од службите, односно од раководителот за урбанизам. Зошто одлуката уште не е ставена како точка на дневен ред за ослободување од комуналии на ОУ ‘Невена Ѓорѓиева-Дуња’, на градинката ‘8 Март’ и на ОУ ‘Кирил Пејчиновиќ’, јас добив одговор дека раководителката на одделение била на боледување цели 2 месеца“, истакна Костадинова.
Таа додаде дека сега бргу побргу, по Законот за измена на градежното земјиште, се ставила оваа точка на дневен ред.
„Кога имаме ние Закон за градежното земјиште и немаме потреба да ја чекаме градоначалничката Арсовска да ни ги одобри одлуките што со нетрпение ги чекаат градоначалниците за да им помогнат и да ги подобрат условите во училиштата и градинките“, заклучи Костадинова.
Македонија
Марковска-Илиевска со порака до Арсовска: Не може да не се почитуваат законите и да не се реализираат програмите
„Уште на првата седница кога разговаравме за извештаите укажав на некои суштински, а не само на технички грешки. Еден час да немате реализирано програма, да немате формирано во некои од училиштата ученички заедници, да имате најавено активности, а да не ги реализирате, тоа е нефункционална ученичка заедница“, јасно истакна советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Марковска-Илиевска, на денешната седница за советнички прашања обраќајќи ѝ се на градоначалничката Данела Арсовска во контекст на реализирање на програмите усвоени од Советот.
Марковска-Илиевска во своето обраќање посочи за низата неправилности што се случувале во делот на реализација на програмите за работа во одредени училишта. Дополнително, додаде дека Инспекторатот ќе проверува дали и колку е извршена реализација. Напомена дека нема да дозволи да се врши злоупотреба и од таа причина нема да гласа.
„Во делот на спортските активности, односно тимовите, да немате реализирана програма. Да си назначувате претседател на училиштен одбор на наставнички совет е кршење на законот и повлекува кривична одговорност. Ве молам, не се работи за технички грешки, се работи за суштински грешки и од таа причина онаму каде што нема реализирано програма, нема да гласам“, децидна беше Марковска-Илиевска.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Македонија со јачина од 3 степени
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 13 часот и 09 минути, регистрира земјотрес чиј епицентар се наоѓа на132 km југоисточно од Скопје, во епицентралното подрачје Валандово со Рихтерова локална магнитуда ML3.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во југоисточниот дел на државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.