Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за асистенти за деца со посебни образовни потреби
Општина Аеродром денеска објави јавен повик на кој може да се пријават сите невработени лица и студенти што се заинтересирани да се вклучат за поддршка на процесот на инклузија на децата со посебни образовни потреби, ученици од прво до трето одделение во основните училишта на подрачјето на општината.
Проектот опфаќа работно ангажирање лица за период од пет месеци, со скратено работно време од дваесет работни часа неделно.
Кандидатите што ќе се пријават на јавниот повик треба да ги исполнуваат следниве услови:
1. Специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник со завршено образование VII/1 степен т.е. VI А според македонската рамка на квалификации МРК или 240 ЕКТС, како и лице што ги исполнува условите за наставник во одделенска настава (VII/1 степен т.е. VI А според МРК или 240 ЕКТС), односно наставник во предметна настава (VII/1 степен т.е. VI А според МРК или 240 ЕКТС);
2. Студенти од завршната година на педагошки и наставнички факултети (специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, наставник во одделенска настава и наставник во предметна настава).
Заинтересираните кандидати треба да достават пријава со прилог-доказ за завршено образование (фотокопија) или потврда од соодветниот факултет на следнава адреса: Општина Аеродром, бул. Јане Сандански бр. 109 Б, 1000 Скопје, до Секторот за образование, спорт, култура и заштита.
Доколку на огласот не се пријави лице со образование наведено во точките 1 и 2, образовен асистент може да биде и лице со завршено најмалку четврто ниво на квалификации според македонската рамка на квалификации (МРК).
Избраните кандидати треба да достават доказ од Основен суд 1 – Скопје дека не им е изречена правосилна судска пресуда казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност.
Месечниот паричен надоместок изнесува 15.000 денари бруто-износ, со вклучени персонален данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Крајниот рок за доставување на апликациите е 15 јануари до 15 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

