Македонија
Општина Илинден пушти во употреба две детски игралишта во Мралино

Општина Илинден работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел, како што велат, задоволување на потребите на сите граѓани.
„Деновиве, израдувани беа најмалите жители на населеното место Мралино, кадешто во употреба беа ставени две детски игралишта. Едното игралиште се наоѓа на дел од улица „7“, додека пак другото е во дворот на ПООУ „Ристо Крле“. Во рамки на двете детски игралишта се поставени реквизити: лулашки, клацкалки, лизгалки и фигури со коњче, како и клупи и канти за отпадоци, како неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот. ПООУ „Ристо Крле“, може да се пофали и со новиот хортикултурно уреден парк и партерно уреден двор со бекатон плочки на површина од 722 м2, нов паркинг простор и патеки околу училишната зграда“, соопшти Општината.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детските игралишта и истакна дека освен во просторното уредување и реконструкција, овие детски игралишта се од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители на општината. Градоначалникот додаде дека во овие спортско-рекреативни катчиња, најважните членови на општеството ќе уживаат во игра и забава исполнети со спортски дух.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, додаваат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.
Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.