Македонија
Општина Карпош го изгласа буџетот и програмите за работа за 2026 година
Градоначалникот Сотир Лукровски и Советот на општина Карпош го изгласаа општинскиот буџет и програмите за работа за 2026 година.
Советот на Општина Карпош заседаваше по шести пат, при што советниците расправаа и полноважно одлучуваа по околу триесетина точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Првенствено, мнозинска поддршка доби Предлог – Решението со кое беа именувани претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2026 година. Советот ја изгласа и Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Општинска изборна комисија – Карпош и избирачките одбори на подрачјето на општина Карпош, за извршената работа во подготовката и спроведувањето на Локалните избори 2025 година, известува Општината.
Со истата динамика беа поддржани и 17 годишни Програми за работата на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош за 2026 година. По детално разгледување на компонентите од кои е составен, беше изгласан и Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, според образложението, Министерството за финансии ја извести локалната самоуправа дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 608.436.000 денари. Притоа, средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2026 година изнесуваат 28.978.000 денари, а средствата доделени од Владата на РСМ изнесуваат 615.020.279 денари. Планираниот пренесен вишок на приходи од претходната година изнесува 80.000.000 денари, така што висината на вкупниот износ на основниот Буџет на општина Карпош ќе изнесува 1.332.434.279 денари.
Земајќи го сето ова во предвид, Консолидираниот Буџет на Општина Карпош за 2026 година ќе изнесува 2.159.676.279 денари и истиот ги содржи планираните извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите за 2026 година. Поточно, од трансфери и донации ќе се финансираат 1.478.975.279 денари или 69%, од даночни приходи 569.500.000 денари или 26%, додека пак од неданочни приходи ќе се финансираат 88.551.000 денари или 4% и од капитални приходи 22.650.000 денари или 1%. Планираните расходи на Општината се во поглед на развојна компонента на јавните услуги кои се надлежност на локалната самоуправа. Оттука, за изградба на инфраструктурни објекти во насока на подобрување на јавните услуги на граѓаните се обезбедени средства во износ од 790.930.279 денари или 36,60%. За стоки и услуги се планираат да се потрошат средства во износ од 399.997.000 денари или 18,51 %, каде што се трошат најголем дел од средствата за комунални услуги за греење, комуникација и транспорт. Социјалните бенифиции учествуваат со 7.800.000 денари или со 0,34%, субвенциите и трансферите со 118.978.000 денари или со 5,60%, додедка пак каматните плаќања со 1.000.000 денари или со 0,04% и отплата на главница за земени кредити со 6.400.000 денари или поточно со 0,28%.
Советниците ја поддржаа Одлуката за формирање на Штаб за заштита и спасување, како и Просторна единица за заштита и спасување кои ќе функционираат во рамки на Општина Карпош. На предлог на градоначалникот Сотир Лукровски, Штабот и Единицата се формираат со цел спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на луѓето и материјалните добра од воени разурнувања, од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи, како и отстранувањето на последиците предизвикани од нив, соопшти Општината.

Советниците од Карпош го усвоија и Правилникот за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотацијата, наменета за сите десет општински основни училишта на подрачјето на Карпош за 2026 година. Според Правилникот, распределбата на блок дотацијата се спроведува по критериумот – основен трошок по ученик, а блок дотацијата за основното образование содржи две компоненти – Основна компонента и Варијабилна компонента. Средствата за блок дотациите ќе се насочуваат по општини од Буџетот на РСМ, преку Минстерството за образование и наука, месечно или по динамика во договор со Министерството за финансии.
Советот даде „зелено светло“ и за Одлуката за организирање на продолжен престој во IV (четврто) одделение во општинските основни училишта за 2026 година. Имено, со оваа Одлука Советот на Општина Карпош дава согласност за обезбедување финансиски средства за ангажирање на одделенски наставници, за реализирање на настава во продолжен престој за четвртоодделенците кои во претходните учебни години следеле настава во продолжен престој. Инаку, продолжен престој за основците од IV-одделение се организира за хомогени и хетерогени групи од најмалку 15 (петнаесет) ученици.
Со гласовите од советниците од Карпош беше изгласана и Одлуката за прифаќање на донација од КАМ ДОО Скопје во висина од 68.700 денари. Станува збор за донација на околу 300 новогодишни пакетчиња за дечињата од Карпош, кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, се додава во соопштението на Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно во првите денови до 3.000 сега
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.
Македонија
„Блаже Конески“ го почнува второто полугодие со нов лик – модерно училиште со 16 училници, библиотека, сала, кујна
Општина Аеродром денеска го пушти во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По 70 години, училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.


Проектот е капитална инвестиција на Општина Аеродром, реализирана со поддршка од Владата, вреден 200 милиони денари. Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици.
Втората фаза од овој проект веќе е започната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Овој капитален проект ја потврдува посветеноста на Општина Аеродром кон развој на современо, безбедно и достапно образование за сите ученици.

